Контрапункт во рамките на деветтото издание на КРИК – фестивал за критичка култура, платформа која ја покрена во 2016 година, со радост ве поканува на промоција на македонското издание на книгата „Партиципациска уметност: парадигматски пресврт од објекти кон субјекти“ од Сузана Милевска, една од нашите најзначајни теоретичарки на визуелната уметност култура и кураторка..
Промоцијата ќе се одвива во дијалошки формат помеѓу Сузана Милевска и Артан Садику, политички филозоф. Воведни зборови ќе има Искра Гешоска, теоретичарка на културата и културна работничка, а свои интревенции ќе има Тијана Ана Спасовска, историчарка на уметноста. Промоцијата е замислена како отворен дискурзивен и партиципациски настан што ќе вклучи и сесија со прашања и одговори од присутните.
„Партиципациска уметност: парадигматски пресврт од објекти кон субјекти“ е избор од петнаесет есеи за париципациската уметност со фокус на уметноста во Југоисточна и Централна Европа. Милевска ги напишала и објавувала овие текстови на англиски во текот на повеќе од петнаесет години. За првпат, овие есеи се објавуваат заедно во оваа збирка, почнувајќи со првиот есеј напишан на оваа тема во 2006 година. Сите есеи се преведени на македонски јазик и уредени од Ана Димишковска, деканка на Институтот за филозофија и професорка по логика и филозофија, при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“, Скопје.
Сузана Милевска ги артикулира и интерпретира плуралните, отворени, променливи форми во уметноста кои, сепак, претставуваат кохерентно единство, структура која потенцира и репрезентира одреден свет на релации помеѓу поединечните општествени и човечки и интимни наративи, помеѓу политичкото и уметничкотот. Зошто е од исклучително значење книгата со теориски артикулации и размислувања на Сузана Милевска – заради нејзината важна интервенција во етичко-политичката организација на промислувањето на партиципациската уметност, и заради нејзиното храбро и предизвикувачко отворање/поставување прашања преку чии можни одговори може одново да се освои изгубениот политички и уметнички простор, разбиен со безмилосните напади на глобалниот неолиберализам. Милевска освен што во една повеќегодишна епистемолошка перспектива нуди огромен спектар на предностите и замките кои со себе ги носи партиципациската уметност, таа едновремено, нѐ воведува во една поинаква перспектива низ која ги согледуваме и институционалните лавиринти, и постколонијалните спирали, а сето тоа, се разбира, со исклучително внимателно инсистирање на контекстите во кои се одвиваат ваквите динамики.
Книгата на Милевска Контрапункт ја објави и на англиски јазик, а промоцијата на англиското издание беше во март 2024 година, во Њујорк.
Сузана Милевска е кураторка и теоретичарка на визуелните уметности и култура Нејзините теориски и кураторски интереси се свртени кон постколонијалната критика на хегемонските режими на моќта во претставувањето, родовите разлики во визуелната култура, и феминистичките, партиципациските и колаборативните уметнички практики. Милевска била Главен истражувач на проектот на Хоризонт во 2020 насловен како ТРАГИ на Политехничкиот Универзитет Милано, а во 2019 година таа ја курирала завршната изложба Спорни објекти/Засрамени субјекти. Во 2013 година, таа била назначена за прв поддржан професор за историја на уметностите од Централна и Југоисточна Европа на Уметничката Акдемија во Виена (2013 – 2015). Милевска докторирала визуелна култура на Голдсмит Колеџ, при Лондонскиот Универзитет. Во 2004 година била Фулбрајтов стипендист како виш истражувач во Конгресната библиотека во Вашингтон. Таа има курирано бројни меѓународни изложби, го има иницирано проектот Повикај го сведокото – Рома павилјон на Венециското биенале (2010-2011). Нејзините текстови се преведени на бугарски, хрватски, англиски, француски, унгарски, германски, италијански, јапонски, руски, српски, словенечки, шпански, шведски, турски, итн. Таа е автор и уредник на многу книги, меѓу кои Gender Difference in the Balkans, 2010, The Renaming Machine: The Book, 2010, и On Productive Shame, Reconciliation, и Agency, SternbergPress, 2016 година. In 2012 ја добива наградата Игор Забел за култура и теорија.
Оваа книга е објавена како дел од проектот Peripheral Visions – towards a trans(l)national publishing culture, кој си поставува за цел да развие меѓународна размена меѓу малите културни и лингвистички контексти на полуперифериите на Европа со меѓусебна поддршка преку ко-продукции, ко-креации, трансфер на знаења и споделување на ресурси. Преку мултилингвално издаваштво, трансдисциплинирана културна продукција, алтернативна дистрибуција, размена на знаење, дигитални содржини, отворени дигитални технологии, и нови формати на игри, проектот создава меѓународен простор за создавање и експериментирање во издавачкиот процес. Peripheral Visions е заеднички проект на Културтрегер, Маска од Љубљана, eipcp – European Institute for Progressive Cultural Policies, kuda.org, Контрапункт и Мултимедијалниот Институт со здружените партнери Kulturföreningen Glänta и EUROZINE.
Изданието е финансиски поддржано од Министерството за култура на Република Северна Македонија и програмата Креативна Европа на Европската Комисија, финансирана од Европската Унија. Но гледиштата и мислењата што се изразени во неа се сепак само на авторот(ите) и не нужно ги одразуваат оние на Европската Унија или на Европската агенција за образование и (EACEA). Ниту Европската Унија ниту доделувачот на грантот не можат да се сметаат за одговорни за нив.