Промоција на „Бигор шарпланинецот“ од Ферид Мухиќ

Во Културно-информативниот центар вечерва во 19.19 часот ќе се одржи промоција на новата книга од Ферид Мухиќ, „Бигор шарпланинецот“. Овој роман во раскази, во издание на Издавачки центар ТРИ, е извонредна ода за пријателството, за нераскинливата поврзаност меѓу човекот и песот преку која се срочува филозофијата за меѓучовечките односи, за пријателството и воопшто за сеопштата поврзаност во природата.

Мухиќ ќе разговара со неговата промоторка Виолета Танчева-Златева, кои ќе ги воведат идните читатели во содржината на овие страници посветени на луѓето и животот.

Според д-р Ана Димишковска, професорка на Филозофскиот факултет во Скопје, на кој проф. Мухиќ подготвуваше безброј студенти за влез во водите на филозофијата, оваа „трогателна сага“ е неверојатен прирачник за живеењето, навраќање кон вистинските вредности на животот. Мухиќ целосно маѓепсува со своите зборови, носејќи нè до едно друго ниво во нивната длабочина.

Филозоф и поет, научник и учител, Ферид Мухиќ има впечатлив опус со 52 објавени книги. „Бигор шарпланинецот – приказни за пријателството и храброста“ ја надополнува не само авторовата биобиблиографија, туку и македонската книжевна ризница.

Најново

Последни колумни