Во петок, 19 декември 2025 година, со почеток во 12 часот, на Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје ќе се одржи промоција на три нови изданија од областа на етнологијата и антропологијата.
На настанот ќе бидат промовирани изданијата „Етнографски материјали од проф. Ѓорги Здравев“, во уредништво на проф. Инес Црвенковска Ристеска, книгата „Долно Дупени: етнолошки белешки од животот и обичаите на една населба во Долна Преспа“ од Бранислав Русиќ, во транскрипција и превод од српски јазик на проф. Љупчо Ристески, како и најновиот, 25. број на списанието „ЕтноАнтропоЗум“.

Промотори на изданијата ќе бидат м-р Славица Христова, етнолог од Музејот на град Скопје, проф. д-р Јанис Манос од Универзитетот „Македонија“ во Солун, Грција, и д-р Миладина Монова од Бугарската академија на науки во Софија, Бугарија.
Книгата на Бранислав Русиќ се темели на неговите теренски истражувања во Преспа, спроведени во периодот по Втората светска војна, кога селското и земјоделското население почнува забрзано да се намалува, а миграцијата од село кон град се засилува. Овие истражувања денес претставуваат значаен историски извор за проучување на локалната историја, секојдневниот живот, миграциските процеси и промените во етничката и демографската структура на регионот.
Изданието „Етнографски материјали од проф. Ѓорги Здравев“ го осветлува научниот и уметничкиот опус на еден од најзначајните познавачи на македонската народна носија. Ѓорги Здравев, уметник, костимограф и поранешен професор на Институтот за етнологија и антропологија, во втората половина на 20 век припаѓа на малубројните истражувачи кои систематски ги проучувале етнографските и естетските карактеристики на македонската народна носија и текстилното народно творештво. Неговите теренски белешки нудат увид во методологијата на истражување, но и во поширокиот социо-културен контекст, особено во општествената функција на облекувањето.
Промоцијата е отворена за јавноста и е наменета за сите заинтересирани за етнологијата, антропологијата и културното наследство.
