Професорите од ПМФ ги поддржаа студентите: Го осудуваме секој облик на репресија врз академската заедница

Автономијата на Универзитетот во Белград, слободата на изразување, почитувањето на различностите и негувањето на меѓусебното уважување претставуваат основни принципи на кои почиваат образовните и научните процеси

Наставно-научното тело на Факултетот за математика при Универзитетот во Белград едногласно на денешната седница ги поддржа барањата на студентите, кои беа истакнати преку блокадата на факултетот и прекин на наставните активности, со цел исполнување на сите претставени барања.

„Цврсто осудуваме секој облик на репресија врз членовите на академската заедница и општеството во целина. Автономијата на Универзитетот во Белград, слободата на изразување, почитувањето на различностите и негувањето на меѓусебното уважување претставуваат основни принципи на кои почиваат образовните и научните процеси“, се вели во соопштението на Наставно-научното тело кое беше објавено на веб-страницата на Факултетот за математика.

Дополнително се додава дека Факултетот посебно ги негува вредностите како што се поттикнување на слободниот академски дух, развојот на критичкото мислење и засилување на соработката помеѓу студентите и вработените.

„Цврсто веруваме во важноста на развојот на студентите како одговорни и свесни академски индивиди, етички определени и независни од било какви неподобни влијанија. Наставно-научното тело на тој начин повторно ја потврдува својата посветеност на заштита на академските вредности, правата и слободите на сите членови на нашата заедница“, се заклучува во соопштението.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни