Проектил погоди брод во близина на ОАЕ, расте тензијата во Персискиот Залив

Товарен брод е оштетен откако бил погоден од засега непознат проектил во близина на брегот на Обединетите Арапски Емирати. Екипажот е безбеден, а инцидентот се истражува.

Товарен брод е оштетен откако бил погоден од засега непознат проектил во близина на брегот на Обединетите Арапски Емирати, соопшти британската агенција за поморска безбедност УКМТО.

Според нивните информации, инцидентот се случил на околу 25 наутички милји северозападно од градот Рас ал-Каима. Капетанот на контејнерскиот брод пријавил дека пловилото било погодено од проектил со непознато потекло.

„Капетанот на бродот извести дека пловилото претрпело оштетувања од сомнителен, но засега непознат проектил. Обемот на штетата во моментов не е познат, а екипажот спроведува истрага“, се наведува во предупредувањето на УКМТО.

Се додава дека сите членови на екипажот се безбедни и се наоѓаат на бродот.

На поморските пловила им се препорачува зголемена претпазливост при движење низ ова подрачје и да пријавуваат секоја сомнителна активност додека надлежните служби го истражуваат инцидентот.

Подрачјето на Персискиот Залив и Ормускиот теснец во последните денови е под зголемена безбедносна закана поради војната меѓу Соединетите Американски Држави, Израел и Иран, низ која минува голем дел од светската трговија со нафта.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни