Двајца новинари на ТВ21 и еден на Ројтерс вечерва беа приведени од полицијата во Скопје откако со дронови го снимале собирот одржан на плоштадот Македонија.
Новинарите, меѓу кои и еден репортер на Ројтерс со српско државјанство, биле задржани во полициската станица повеќе од час и половина.
Собирот, предизвикан од разорниот пожар во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани, кој однесе 59 животи, привлече значително регионално и меѓународно внимание, што го направи главна вест низ светските медиуми.
Со оглед на широкиот интерес за трагичниот настан, не е изненадување што медиумите известуваат и од собирите. Но, од МВР појаснуваат дека новинарите се приведени затоа што немале дозвола да користат дронови за снимање.
МВР претходно најави целосна забрана за летови со беспилотни летала над Кочани и Штип од страна на Агенцијата за цивилно воздухопловство, но Скопје не беше вклучено во рестрикциите.