Обвинителството се сомнева дека дел од инспекторите примале мито и давале доверливи информации за претстојни контроли на сопствениците на дивиот ноќен клуб во Кочани.
Апсења по осум месеци од трагедијата
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски потврди дека акцијата е дел од предистражна постапка што била отворена по објавувањето на сторијата на ИРЛ, во која беа споменати инспектори што не влегле во првичното обвинение за пожарот во „Пулс“.
„Овие кривични дела се однесуваат на злоупотреба на службената положба и примање поткуп. Постапката не може да се спои со предметот за трагедијата во Кочани, бидејќи тука не станува збор за последици поврзани со смрт,“ изјави Коцевски.
Приведените се товарат за примање и давање поткуп и злоупотреба на службена положба. Меѓу уапсените се поранешни раководители од подружници на УЈП во Штип и Струмица, како и даночните контролори Драган Паунов и Дуле Димитриев – двајца инспектори за кои ИРЛ веќе објави дека биле инфоратори на сопствениците на „Пулс“, за што добивале скапи рачни часовници.
Како инспекторите ја предупредувале дискотеката
Според преписките од телефоните на обвинетите, сопственикот Дејан Јованов – Деко и неговиот син Михајло добивале детални информации за претстојни контроли, совети како да се прикажат исправни пред инспекциите и кои каси да ги вклучат кога ќе дојдат инспекторите.
Драган Паунов, потпишан во телефонот на Михајло како „Дацо Ж’ти УЈП“, во повеќе наврати најавувал кога може да се очекуваат проверки, а договарал и средби за примопредавање подароци. Последната преписка меѓу нив датира од утрото по трагичната ноќ на пожарот – на 16 март, по што Паунов ја избришал пораката.
И двајцата инспектори беа суспендирани по објавувањето на сторијата, иако до тој момент работеле редовно во УЈП.
Паунов, инаку, е брат на Даниела Димовска – актуелната в.д. претседателка на Основниот кривичен суд Скопје, каде што се води процесот за „Пулс“.
Инспекциските пропусти и трагичните последици
Во воведниот говор на вчерашното рочиште, обвинителот Борче Јанев истакна дека Дејан Јованов – Деко, заради профит, ги игнорирал сите законски обврски и проверки.
„Каде беа инспекциските служби? Со навремен надзор, пожарот ќе беше регистриран како опасен инцидент, а не трагедија со масовни жртви,“ рече Јанев.
Судењето за пожарот продолжува следната недела со излагања на обвинетите. Паралелно, Обвинителството за организиран криминал работи на уште едно обвинение, кое се однесува на улогата на полициски службеници во случајот.
Извор: IRL
