Бегството од војната ги крена приватните летови на 145.000 долари

Поради затворен воздушен простор и ракетни напади на Блискиот Исток, побарувачката за приватни чартер летови нагло порасна, а цените достигнуваат рекордни износи.

Побарувачката за приватни чартер летови од Блискиот Исток драматично порасна од почетокот на војната меѓу САД, Израел и Иран. Луѓето кои можат да си го дозволат тоа плаќаат огромни суми за да го напуштат регионот, додека илјадници патници остануваат блокирани поради нарушениот воздушен сообраќај.

Конфликтот, кој започна на 28 февруари, предизвика најголем прекин на воздушниот сообраќај во регионот на Персискиот Залив од пандемијата на Ковид-19. Затворањето на воздушниот простор и честите ракетни и дронски напади сериозно ги нарушија редовните комерцијални летови.

„Побарувачката за приватни чартери значително се зголеми во последните денови бидејќи редовните летови во делови од регионот станаа ограничени или непредвидливи“, изјави за CNN Џон Метјус, претседател и основач на компанијата за приватни авиони AirX.

Десетици илјади патници останаа блокирани, а додека дел од авиокомпаниите постепено враќаат ограничен број линии, најбогатите патници ја избегнуваат кризата со изнајмување приватни авиони.

„Добиваме барања од исклучително богати семејства, мултинационални компании кои ги преместуваат своите менаџери, но и од поголеми групи како спортски тимови и продукциски екипи“, додава Метјус.

Скок на побарувачката и цените

Бернардус Ворстер, извршен директор на чартер компанијата SHY Aviation, изјави дека во нормални услови дневно има околу 10 до 15 приватни летови од Мускат во Оман, Дубаи и Ријад. Но минатата среда бројот на летови скокнал на 98.

Поради големата побарувачка, ограничениот број авиони и повисоките трошоци за осигурување, цените на летовите значително се зголемиле. Дополнително, многу авиони се враќаат празни во регионот, што значи дека клиентите мора да го платат летот во двата правци.

Како пример, Ворстер наведе лет за група од 12 луѓе и нивното куче од Мускат до Истанбул. Петчасовното патување чинело 145.000 долари, додека пред конфликтот истиот лет чинел околу 60.000 долари – што претставува раст од 142 проценти.

На почетокот на конфликтот, Мускат и Ријад биле најчести точки за полетување, бидејќи воздушниот простор бил постабилен. Подоцна Дубаи станал популарна полетна точка, бидејќи во тој град живеат многу луѓе кои се обидуваат да ја напуштат регијата.

Истанбул е најчеста дестинација поради близината, а чести се и летовите кон Атина и Мумбаи.

Ограничен ефект на приватните летови

И покрај огромната побарувачка, приватните чартери не можат значително да ги надоместат проблемите во патничкиот воздушен сообраќај на Блискиот Исток.

„Приватните летови не можат да го заменат обемот на комерцијалните авиокомпании, но можат да обезбедат контролирана мобилност за организации и групи кои мора брзо да се движат кога редовните линии се нарушени“, изјави Метјус.

Тој додаде дека компанијата AirX минатата недела договорила чартер лет вреден околу еден милион евра за авион со 100 седишта.

Сепак, влијанието врз пошироката криза останува ограничено.

„Просечниот приватен авион превезува околу 12 луѓе. Иако во регионот има околу 40 до 50 достапни млазни авиони, бројот на превезени патници е релативно мал“, изјави Ворстер, додавајќи дека неговата компанија во изминатата недела превезла околу 120 луѓе од регијата.

Во меѓувреме, десетици илјади луѓе се обидуваат да го напуштат Блискиот Исток, додека владите ширум светот организираат евакуациски летови. Американскиот Стејт департмент соопшти дека обезбедил повеќе од дваесет чартер летови и евакуирал илјадници американски државјани, додека комерцијалниот воздушен сообраќај постепено се обновува.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни