Сѐ што пожарникарите во Лос Анџелес постигнале во последните денови со напорна работа може да падне во вода по пристигнувањето на временската прогноза која ја загрижи цела Америка. Градот се подготвува за најлошото – силни ветрови и „експлозивен раст на нови пожари“, се вестите кои ги пренесе и New York Times. Десетици илјади евакуирани лица се обидуваат да најдат засолниште, што дополнително ја влошува ситуацијата со веќе сериозниот недостиг на станбен простор.
Шефицата на пожарникарската служба на Лос Анџелес, Кристин Кроули, изјавила дека нејзините тимови се подготвени за посилни ветрови кои ќе го зголемат ризикот од пожари. „На клучни локации во градот се распоредени специјални тимови и опрема за брз одговор,“ изјавила таа. Таа исто така предупредила дека опасноста не е мината и апелирала до граѓаните да ги почитуваат сите наредби за евакуација.
Се очекува дека новите налети на ветрови ќе го разгоруваат двата огромни шумски пожари кои веќе уништиле цели квартови, убиле најмалку 24 лица и ја зафатиле површина голема како Вашингтон. Сувите ветрови Санта Ана, кои достигнуваа брзини од 48 до 80 км/ч во понеделник, ќе станат уште опасни – за време на ноќта се предвидуваат удари и до 120 км/ч, изјавил метеорологот Дејвид Рот од Националната метеоролошка служба.
Повеќе од 8.500 пожарникари се на терен и се обидуваат да ги задржат пожарите од воздух и од земја, спречувајќи нивно понатамошно ширење. Шерифот Роберт Луна од округот Лос Анџелес изразил сериозна загриженост поради временската прогноза, пишува Јутарњи.
Црвено предупредување за опасност
Националната метеоролошка служба издаде предупредување за „екстремна опасност од пожари“ за подрачје од Сан Луис до целиот Лос Анџелес. Тие предупредиле дека ветровите можат да предизвикаат „експлозивен раст на пожари“, што резултирало со ретко предупредување за „посебно опасна ситуација“. Најугрозени се округот Вентура и округот Лос Анџелес.
Организаторите на доделата на Оскари, поради новите временски информации, повторно ги одложиле номинациите за 23. јануари, додека традиционалниот ручек на Американската филмска академија е откажан.
Катастрофални загуби
Пожарите уништиле или оштетиле повеќе од 12.000 објекти, оставајќи зад себе апокалиптични пејзажи. Пожарот Палисадес на западната страна на градот изгорел 96 квадратни километри, додека пожарот Итон источно од градот проголтал 57 квадратни километри.
Пожарникарите успеале да совладаат 14% од пожарот Палисадес и 33% од пожарот Итон, додека третиот пожар северно од градот е под контрола од 95%. Преостанатите пожари во околината на Лос Анџелес се целосно изгасени последните денови.