Приштина: Седница на парламентот без кворум и без опозиција – Самоопределување заседава само

Косовскиот парламент одржа седница без кворум и без опозицијата. Самоопределување самостојно ги разгледува буџетите и формирањето комисии додека истекува рокот за избор нова влада.

Парламентот на привремените институции во Приштина денес ја одржува првата од двете седници, на која учествуваат исклучиво пратениците од движењето Самоопределување, бидејќи повеќето други албански парламентарни партии не присуствуваат.

Седницата е свикана на барање на Самоопределување со цел да се формираат парламентарни одбори и да се разгледа буџетот за 2026 година, како и буџетите за општините Приштина, Гњилане и Зубин Поток.

Претседателот на парламентот, Дималj Баsа, и покрај отсуството на кворум и на другите пратенички групи, повика на формирање парламентарни комисии задолжени за ратификација на меѓународни договори и за исплата на платите на вработените во јавниот сервис РТК.

Препарим Груда, единствениот присутен од Демократската партија на Косово (ДПК), изјави дека седницата е неуставна, дека нема кворум и дека прво требало да се формира влада, па дури потоа да се расправа за комисии и други прашања.

Пред почетокот на седницата, пратениците од опозициските партии најавија дека нема да присуствуваат, затоа што – како што наведуваат – не сакаат да учествуваат во „импровизациите на Самоопределување“, кое ги игнорира прописите и ги сведува јавните и општествените потреби на предизборен декор.

Втората седница е закажана за 14 часот и на неа треба да се разгледа изборот на новата влада на кандидатот Гљаук Коњуфца од Самоопределување, а рокот истекува токму денес.

На оваа седница присуство најавија сите партии, но најголемиот дел од нив веќе кажаа дека нема да гласаат за предложената влада и дека се залагаат за нови вонредни парламентарни избори.

Српска листа поднесе жалба за конституирањето на новиот парламентарен состав, бидејќи нивниот кандидат не бил избран за потпретседател. На 26 октомври, кандидатот на Самоопределување, Албин Курти, не доби мнозинство за состав на влада.

Според уставот на привремените институции, ако владата не биде избрана и во вториот обид, се распишуваат нови избори кои мора да се одржат во рок од 40 дена.

Изборите за косовскиот парламент се одржаа на 9 февруари, а претседателот на парламентот беше избран дури на 26 август по бројни прекини и пресуди на Уставниот суд.

На изборите Самоопределување освои 48 пратенички места, Демократската партија на Косово 24, Демократскиот сојуз на Косово 20, а Алијансата за иднината на Косово и Нисма вкупно осум.
Српска листа има девет места, Странката за слобода, правда и опстанок едно, а преостанатите 10 се распределени меѓу другите не мнозински заедници.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни