Сѐ поголем број дерматолози и токсиколози укажуваат на тоа дека дел од масовно достапните шампони содржат хемикалии кои можат да предизвикаат иритации, алергии, хормонални нарушувања и други реакции при долга употреба. Токму затоа, многу луѓе се вртат кон природни алтернативи – а една од наједноставните, најбезбедните и најприфатливите опции е домашно подготвен природен шампон.
Подготовката е брза и ја следи логиката на традиционалните рецепти за билни тоници и природни сапуни. Покрај тоа што ја чисти косата, овој шампон не ја суши кожата на главата, а природните билки делуваат смирувачки, антибактериски и регенеративно.
Како да го подготвите?
Во тенџере истурете 250 мл дестилирана вода и загрејте ја до вриење. Кога ќе зоврие, додадете две лажици сушена камилица или 3–6 кесички чај од камилица, во зависност од интензитетот на аромата што ја сакате. Камилицата е одлична за чувствителен скалп, ја смирува кожата и дава природен сјај.
На местото на камилицата можете да користите и други билки.Коприва е препорачлива за зајакнување на коренот и намалување на опаѓањето. Нането е добро за освежување и подобрена циркулација. Додека пак жалфија е погодна за регулација на себум и намалување на првут.
Кога чајот ќе се обои, процедете го и вратете го во садот. Додадете две лажици природен сапун (castile soap или друг сапун на природна база), кој лесно се наоѓа во продавници за органска козметика. Убаво промешајте додека смесата не се соедини.
Потоа додадете една лажица ладно цедено билно масло – маслиново, бадемово, арганово или кокосово. Маслото ја храни и омекнува косата без да ја оптоварува. На крајот, капнете 10 до 15 капки есенцијално масло по избор: лаванда, рузмарин, лимон или чајно дрво – зависно од потребите на косата.
Подготвениот шампон складирајте го во стаклен сад или празна амбалажа од шампон што може херметички да се затвора. Може да се чува до неколку недели, на суво и ладно место.
Зошто е подобар од индустриските шампони?
Природниот шампон нема сулфати, парабени, силикони, синтетички мириси и конзерванси – состојки кои често ја сушат кожата и го нарушуваат природниот баланс на скалпот. Покрај тоа, овој шампон ја смалува иритацијата кај луѓе со чувствителна кожа, помага против првут, ја намалува потребата од чести миења, ја прави косата помека и посјајна на природен начин, и е еколошка алтернатива без пластични состојки.
Природната нега не мора да биде комплицирана – напротив, со неколку состојки што ги имаме дома можеме да направиме производ кој е побезбеден, поздрав и попријатен за употреба.
