Посетата, организирана на барање на британското Министерство за надворешни работи, беше знак на солидарност со семејствата погодени од војната, јавува Sky News.
Во придружба на првата дама Олена Зеленска, принцезата ја посети меморијалната локација посветена на децата убиени во конфликтот. Таму положи плишано мече во знак на сеќавање на над 650 деца кои загинаа од почетокот на војната во 2022 година.
Принцезата ѝ откри на Зеленска дека мечето ѝ припаѓало на нејзината ќерка, со што симболично ја пренесе личната болка и солидарност. И Зеленска положи слична играчка на местото на сеќавање.
Принцезата Ана се сретна со претседателот Зеленски и разговараше за поддршката на Велика Британија за Украина и нејзиниот отпор против руската агресија. Посетата не беше однапред најавена поради безбедносни причини, и се случи само две дена по руски воздушен напад врз Киев, во кој загинаа најмалку четири лица, меѓу кои и дванаесетгодишно девојче, а повредени беа над 70 луѓе.
Принцезата се сретна и со деца кои биле вратени од Русија, по нивна присилна депортација. Според украинските податоци, над 19.500 деца биле одведени во Русија или на окупирани територии од почетокот на конфликтот.
Ана го посети и Центарот за заштита на детските права, каде што разговараше со семејства и деца вратени од заробеништво, како и со претставнички на полицијата и вооружените сили кои играат клучна улога во заштитата на жените и децата.
Исто така, ја посети и рехабилитациската установа каде што се сретна со украински ветерани кои се опоравуваат по враќањето од фронтот.
Ова е втора посета на Украина од страна на член на британското кралско семејство. Првата беше во април 2024, кога дојде војвотката од Единбург, а неодамна, пред околу две недели, во Украина ненајавено престојуваше и принцот Хари.
Во својата неодамнешна изјава, кралот Чарлс III повторно ја истакна британската поддршка:
„Денес, кога тиранијата повторно ѝ се заканува на Европа, ние и нашите сојузници стоиме заедно во поддршка на Украина – за да ја спречиме агресијата и да го обезбедиме мирот.“
Извор: Index.hr
