Во обраќањето, градоначалникот на Прилеп истакна дека 3 ноември не е само календарски датум, туку симбол на храброста и непокорот на генерации прилепчани кои ја извојуваа слободата во 1944 година.
„Овој ден е темел на нашиот идентитет и потсетник дека слободата не се добива, туку се заслужува. Изразувам длабока благодарност кон борците, партизаните, мајките и сите граѓани кои го сонуваа слободниот Прилеп и слободна Македонија“, рече градоначалникот.
На свеченоста во НУЦК „Марко Цепенков“ беа доделени општинските награди „3 Ноември“, со кои се оддава признание на личности и институции што со својата работа го продолжуваат патот на хероите. Особено беше истакната благодарноста кон академик Рубенс Корубин и Јове Магдески (постхумно) – добитници на наградата за животно дело, чие творештво остави длабока трага во културниот и општествениот живот на градот.
Во говорот беше нагласено и дека најголемиот предизвик денес не е надворешен непријател, туку апатијата и иселувањето на младите, при што беше подвлечена потребата од создавање услови за достоинствен живот и економски развој.
Како приоритетни проекти беа посочени развојот на индустриските зони „Прилеп 4“ и „Прилеп 5“, решавањето на проблемот со Градската река, изградбата на нова детска градинка во населбата „Рид“, како и создавањето на нови зелени површини и модерна инфраструктура што ќе го поврзе градот со остатокот од земјата.
„Нашата борба денес е борба за достоинствен живот и иднина достојна за наследството што го носиме. Да го чуваме аманетот на нашите херои со работа, чесност и обединување“, порача градоначалникот.
Свеченоста заврши со патриотска порака:
„Нека е честит и вековит 3 ноември – Денот на ослободувањето на Прилеп! Вечна слава на хероите! Да живее Прилеп, да живее Македонија!“