Во вторник(24.06) во Младинскиот културен центар во Скопје ќе се одигра претставата „Добри луѓе“ според текст на Данкан Мекмилан, авторски материјали и инспирација од The Relation Work Project (1976-80) на Марина Абрамовиќ и Улај. во режија и адаптација на Тамара Стојаноска во рамките на фестивалот „Скопско лето“ со почеток од 20 часот.
Претставата е интимна анализа на една љубовна врска и зборува за предизвиците со кои се соочуваат љубовните парови во денешно време и поставува едно навидум апсурдно, но легитимно еколошко и етичко прашање – Дали е оправдано да се има деца во загаден свет во кој секое суштество создава огромни количества јаглерод диоксид, но и во свет каде што тој нов живот треба да се соочи со некои сериозни егзистенцијални проблеми со можни трагични исходи: еколошки катастрофи, пандемии и огромни економски и социјални колапси.
„Добри луѓе“ ги испитува емоционалните последици од справувањето со огромната климатска криза и тешките одлуки што секојдневно мораме да ги донесеме како поединци и како општество. Се поставува и прашањето дали сме добри луѓе и дали воопшто можеме да бидеме добри луѓе во ваков анксиозен и пластичен свет исполнет со глобална вознемиреност, лоши навики, тероризам, непостојани временски услови и политички немири.
Ликовите, како и луѓето живеат со анксиозност, паника и притисок од надворешната околина, но тешко и бавно носат промени во своите лични постапки и се губат во системот. Грижата за околината е како маска за нивната вознемиреност и опседнатост со прашањето дали се добри луѓе. Тоа што ликовите постојано се грижат и паничат, само по себе е еден вид заменски активизам; нивната пасивна грижа станува доказ за нивната добрина и ја негира потребата за реално дејствување.
Во претставата играат актерите Тијана Трајчевска и Филип Христовски, продуцент е актерот Бобан Алексоски, рекламниот материјал го изработи Бојана Цилевска, а музиката е на Ива Дамјановски.
Ова лето, претставата ќе се игра во Крушево на манифестацијата „Десет дена Крушевска република“, во Демир Капија на Меѓународниот фестивал „Без рамка“, на ВИА „Вртешка“ на планината Плачковица и на уште неколку фестивали. – велат од независниот театар „Златен Елец“.