Претседателот на Мадагаскар, Андри Раџоелина, изјави вчера дека морал да се премести на безбедна локација за да го заштити својот живот, по неколку недели протести на младите кои бараат негова оставка.
Во обраќањето до нацијата, Раџоелина не откри каде се наоѓа, а неговата моментална локација и понатаму останува непозната. Но, воен извор и други официјални лица изјавиле за Ројтерс дека тој ја напуштил земјата завчера со француски воен авион, откако мадагаскарските воени сили ја објавиле својата поддршка за протестите.
Според RFI, претседателот бил евакуиран од земјата со француски воен авион во време кога биле во тек протести и воена побуна. Евакуацијата била спроведена во договор со францускиот претседател Емануел Макрон, иако француските власти нагласиле дека не се мешаат во внатрешната криза во Мадагаскар, која трае од 25 септември.
Нередите започнале поради чести прекини во водоснабдувањето и снабдувањето со електрична енергија, но брзо прераснале во национално движење што ја бара оставката на Раџоелина. Безбедносните сили користеле сила за растерување на демонстрантите, додека офицери кои ги поддржуваат протестите ја презеле контролата над военото командување.