Преспанското Езеро под двоен притисок: Водостојот се намалува, а расте загадувањето

Намалениот водостој на Преспанското Езеро не е единствениот проблем – загадувањето на водата е сè поголема закана за живиот свет и здравјето на луѓето, предупредуваат хидробиолозите.

Според нив, во езерото се измерени високи концентрации на фосфор и азот, кои преку синџирот на исхрана стигнуваат до птиците и луѓето. Главен извор на загадувањето е прекумерната употреба на пестициди во земјоделието. Тие преку почвата и подземните води завршуваат во езерото, каде предизвикуваат цветање на алги и можност за развој на токсични цијанофити.

Од Институтот за јавно здравје предупредуваат дека високите количини на хемикалии можат да доведат до сериозни болести кај човекот.

Секторот за животна средина во Ресен во своите анализи нотирал зголемено органско и нутриентно оптоварување на езерото, а најалармантна состојба е регистрирана во Претор, кај браната на Голема Река – која се смета за најголем потенцијален загадувач на литоралната зона.

Научниците бараат резултатите од анализите на пестициди да бидат јавно достапни и инспекциските контроли да се засилат. Дополнителна интервенција е неопходна и за драматичниот губиток на вода, кој секојдневно го намалува нивото на езерото.

Извор: 24мк

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни