Преспа под вода, институциите под лупа: Поплавите го откриваат вистинскиот еколошки товар во земјата

Последните поплави во Преспа повторно ги отворија прашањата за лошото управување со отпад, занемарените речни корита и системските слабости кои локалните активисти одамна ги алармираат.
Слика од поплавите во ПРеспа
Photo: Tera TV

Кога минатиот викенд Преспа повторно беше погодена од силни врнежи и надојдени води, резултатот беше ист – поплавени дворови, затнати канали, оштетени патишта и рекордна количина отпад кој го преплави целиот регион. Ова не беше изненадување ни за жителите, ниту за локалните активисти, ниту за експертите кои со години предупредуваат дека Преспа ја губи својата природна заштита, но и суштинската институционална грижа.

Во разговор за TERA TV, Марија Евтимовска од „Еко Герила Преспа“ отворено посочи дека состојбата со отпадот во каналите и реките била алармантна дури и пред врнежите: „Коритата се пренатрупани со ѓубре. Имаме локации каде речиси 70% од протокот е блокиран со пластика и градежен отпад. Поплавите не се случајност, тие се логичен исход на негрижата.“

Организацијата со месеци спроведува активности за подигнување на еколошката свест преку кампањата #ПреспаРазбудиСе, поддржана од Делегацијата на Европската Унија. Целта е јасна: отпадот не е само естетски проблем, туку директна закана за безбедноста на локалното население. Евтимовска додава дека се во разговори со институциите, но дека дел од проблемот е „распосланост на одговорноста“ — секоја надлежна структура ја префрла својата обврска на друга.

Сликата е позната. Истата приказна неколку километри подалеку, во Љубојно, прерасна во целосно граѓанско движење. Пред само неколку недели, Преспа го одбележа стотиот ден од протестите на жителите кои секое утро излегуваат да го блокираат патот кон шумата, спротивставувајќи се на планската сеча над селото. За многумина токму таму се гледа коренот на проблемот: кога шумата се разредува, земјата станува незаштитена, а селата подолу се изложени на поплави, одрони и неконтролирани поројни води.

Љубојно одамна ја разбра таа врска. „Не ја браниме шумата од инает, туку од потреба“, велат протестантите. За нив, сечата високо над селото — токму во зоните кои природно ги штитат од надојдени води — претставува директна опасност за селото. Додека институциите уверуваат дека станува збор за „планска сеча“, жителите велат дека документацијата што треба да ја гарантира нивната безбедност не била транспарентно презентирана.

Во Преспа, пак, истата динамика се повторува, но во пониските делови од сливот. Кога реките се преполни со отпад, ни најдобрата инфраструктура не може да го запре хаосот. Екологистите со право предупредуваат дека проблемот не е ниту само во врнежите, ниту само во отпадот — туку во синџир од институционални пропусти кои се акумулираат со години.

Локалното население предупредуваат дека минатогодишните поплави биле само најава за она што се случува денес во Преспа. Како што покажаа и снимките објавени од TERA TV, треба само еден пообилен дожд за нерегулираниот систем на отпадни води и запушените канали да предизвикаат сериозни штети.

Оваа есен само го постави прашањето побучно: Колку уште поплави треба да се случат за Преспа да стане приоритет, а не пост-фактум грижа?

Опасноста е двојна — еколошка и инфраструктурна. Запушените канали ја прават земјата поподложна на поплави, а уништените шумски појаси ја намалуваат природната бариера против поројните води. Локалните жители го чувствуваат тоа секојдневно: не станува збор за политика, туку за нивните домови, нивните ниви и нивните семејства.

Но оваа криза покажува и нешто друго: колку е моќен локалниот отпор кога институциите задоцнуваат. Љубојно денес е пример за самоорганизирана заедница, а „Еко Герила Преспа“ станува глас кој бара реформа, едукација и одговорност. Двете приказни мерат различни симптоми, но истата болест — недоволно сериозно сфаќање на еколошките ризици.

Токму затоа овие поплави не смеат да поминат како уште еден „настан што ќе го покрие следна вест“. Тие се предупредување. Дека Преспа навистина мора да се разбуди.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни