Универзитет во Грција со меѓународна програма за напредна едукација на акушерки

Програмата на англиски јазик за доживотно учење „Advanced Clinical Skills in Labour and Childbirth“, што ја реализира Центарот за едукација и доживотно учење (KEDIVIM) при Универзитетот на Западна Македонија, претставува значајна инцијатива за интернационализација и прекугранична соработка, која ја зајакнува размената на знаење и обезбедувањето висококвалитетни услуги во областа на мајчинската здравствена заштита во регионот на Балканот.

Во рамки на програмата беше спроведена практична обука со физичко присуство во Лабораторијата за симулации при Катедрата за акушерство, каде што акушерки од Република Северна Македонија се обучуваа за напредни техники и вештини, со посебен акцент на природното породување и современата клиничка пракса. Преку насочена теоретска и практична едукација, учесничките стекнаа вештини што суштински го подобруваат квалитетот на клиничката пракса во установите во кои работат.

Значењето на едукативниот процес и меѓународната димензија на програмата го истакна научниот раководител на програмата, вонреден професор Димитрис Папуцис, кој забележа дека „моето учество како научен раководител, но и како обучувач во програмата на странски јазик за специјализирана обука, наменета за акушерки од балканските земји, претставуваше исклучително плодотворно и креативно искуство“. Како што посочи, „обуката беше фокусирана на развој и зајакнување на напредни вештини во породувањето, преку комбинација на теоретска едукација и практична обука (hands-on) во современи методи на природно породување“.

Паралелно, тој нагласи дека „суштинската размена на знаења и добри практики придонесе за зајакнување на професионалната улога на акушерките и за унапредување на квалитетна мајчинска грижа на меѓународно ниво“, истакнувајќи дека „програмата на странски јазик има за цел да ја прошири меѓународната соработка и да промовира извонредност во акушерската едукација, пренесувајќи експертиза надвор од границите и зајакнувајќи ја меѓусебната поврзаност на здравствените професионалци во поширокиот балкански регион“.

Програмата се реализира со поддршка на Fetal Medicine Foundation (FMF) и професорот Кипрос Николаидис, со поддршка од Грчката Амбасада во Скопје, Светската здравствена организација (СЗО) и Здружението на акушерки на Република Северна Македонија. По завршување на програмата, учесничките ќе добијат сертификат за специјализација и европски призната стручна обука.

За значењето на оваа иницијатива се осврна и Амбасадорката на Грција во Скопје, Софија Филипиду  која изјави дека „би сакала да му честитам на Универзитетот на Западна Македонија, со кој, како Амбасада на Грција во Северна Македонија и Генерален конзулат во Битола, имаме развиено тесна соработка за оваа многу значајна иницијатива за обука во областа на мајчинската грижа“.

Истовремено, таа изрази и благодарност „до директорот на Фондацијата „Fetal Medicine Foundation“, професорот Кипрос Николаидис за љубезната поддршка, како и до канцеларијата на Светската здравствена организација во Скопје и до Здружението на акушерки на Северна Македонија“.

Како што посочи, „само во изминатите неколку денови со голем успех се реализираше практична обука со физичко присуство во Лабораторијата за симулации при Катедрата за акушерство на Универзитетот во Птолемаида, а програмата, со научен раководител вонредниот професор Димитрис Папуцис, наскоро ќе биде завршена“. Исто така таа нагласи дека „обезбедувањето висококвалитетни услуги во мајчинската грижа – меѓу другото и во регионот на Балканот – претставува приоритет за Министерството за надворешни работи на Грција“, потсетувајќи дека „во 2022 година беше склучен меморандум за соработка помеѓу Министерството за надворешни работи на Грција, Фондацијата „Fetal Medicine Foundation“ во Обединетото Кралство и Министерството за здравство на Северна Македонија за спроведување на програма за фетална медицина за периодот 2022–2025 година“. Во рамките на оваа програма, „на Универзитетската клиника за акушерство и гинекологија во Скопјe беше основана најсовремена единица за фетална медицина/пренатална нега“.

Слични едукативни активности се очекува да се реализираат во наредниот период, со учество на акушерки од сите балкански земји, со што ќе се прошири влијанието на програмата и научната соработка во регионот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни