Прекин во радарскиот систем од утринава, авионскиот сообраќај со значителни доцнења

Од 9 часот утринава радарскиот систем за контрола на летање не е во функција, поради што се очекуваат значителни доцнења во авионскиот сообраќај. Според неофицијални информации, состојбата најверојатно ќе трае до околу 11:30 часот.

Како што се наведува во интерна комуникација од М-НАВ, причина за прекинот е планирана замена на радарската опрема. Во пораката се посочува дека пристапот на кран ќе биде овозможен преку паркингот на АТЦ-кулата, без да се попречува сервисниот пат, а дека затворањето на АТЦ за оперативни активности ќе трае приближно 30 минути, конкретно за време на фазата на истовар на опремата.

„М-НАВ информира дека во недела, на 14 декември, ќе се изврши замена на радарот на АТЦ-кулата. Само во периодот на истовар, контролата на летање ќе биде привремено суспендирана, во траење од околу 30 минути“, стои во известувањето.

Поради неработењето на радарот, сите летови и за слетување и за полетување се очекува да доцнат приближно час и половина. Дел од вработените во авиосообраќајниот сектор укажуваат дека станува збор за интервенција од суштинско значење за безбедното функционирање на воздушниот сообраќај.

Потсетување дека единствениот функционален радар на скопскиот аеродром откажа уште во септември годинава, поради што аеродромот во одреден период немаше можност за истовремено слетување и полетување на повеќе авиони. Оттаму повторно се отвора прашањето зошто стариот радар не бил задржан како резервен систем, со цел да се избегнат вакви прекини во иднина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни