Престануваат да важат мерките и препораките за загадувањето, проблемот останува

И покрај прекинот на мерките, загадениот воздух останува хроничен проблем – особено во главниот град

Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека е прекината епизодата со надминување на прагот на алармирање за РМ10 честички во Скопје и Струмица, поради што престануваат да важат мерките и препораките што беа воведени во изминатиот период.

Според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем, на 22 декември 2025 година среднодневните концентрации на РМ10 честичките се под дефинираниот праг на алармирање од 150 микрограми на метар кубен воздух.

Со тоа, формално завршува состојбата на аларм, а надлежните институции најавуваат дека ќе продолжат со редовно следење на квалитетот на воздухот и навремено информирање на јавноста доколку повторно дојде до надминувања.

Сепак, иако мерките престануваат да важат, проблемот со загадениот воздух останува. Како што ТРН веќе објави, Скопје денес беше регистриран како најзагаден град во Европа и седми во светот, со индекс на загаденост од 155 – ниво кое носи сериозни здравствени ризици, особено за децата, повозрасните лица и хронично болните.

Прекинувањето на мерките не значи и системско решавање на проблемот. Напротив, ваквите епизоди повторно го отвораат прашањето за долгорочните политики, контролата на изворите на загадување и отсуството на одржливи решенија кои би спречиле воздухот секоја зима да стане закана по јавното здравје.

Од Министерството наведуваат дека состојбата ќе продолжи да се следи, но граѓаните и експертската јавност сè почесто укажуваат дека ад-хок мерките при алармантни вредности не се доволни, доколку нема структурен пристап кон проблемот со загадувањето.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни