Преговарачите од Украина, Русија и Соединетите Американски Држави денеска се собираат во Абу Даби, во обид да ги откочат разговорите за завршување на војната која влегува во четвртата година и останува најсмртоносниот конфликт во Европа по Втората светска војна. И покрај повеќекратните дипломатски рунди, досега не е постигнат договор за крај на војната започната со руската инвазија во февруари 2022 година.
Средбата се одржува во сенка на масовните руски напади со дронови и ракети во деновите пред разговорите, при што беше тешко оштетена украинската енергетска инфраструктура. Илјадници домаќинства останаа без струја и греење во услови на екстремен студ, што дополнително ги намалува надежите за конкретен напредок.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски порача дека последните напади јасно покажуваат оти позициите на Москва не се променети. Според него, Русија и понатаму инвестира во војна и уништување, а дипломатијата ја користи само формално. Зеленски најави дека украинскиот преговарачки тим ќе ја прилагоди својата работа на новите околности, без да навлезе во детали.
Клучното несогласување меѓу страните останува долгорочната судбина на источна Украина. Москва бара Киев да ги повлече своите сили од делови на Донбас, вклучително и силно утврдените градови богати со природни ресурси, како предуслов за каков било договор. Русија инсистира и на меѓународно признавање на териториите окупирани за време на инвазијата како дел од Руската Федерација.
Киев, пак, предлага конфликтот да се „замрзне“ по сегашната линија на фронтот и категорично одбива еднострано повлекување на своите сили. Украинската страна предупредува дека секое отстапување територија само би ја охрабрило Москва и не би спречило нова агресија во иднина.
Украинската делегација ќе ја предводи Рустем Умеров, шеф на Советот за безбедност, кого неговите соработници го опишуваат како вешт и прагматичен преговарач. Главен руски претставник ќе биде Игор Костјуков, директор на воената разузнавачка служба, кој е под западни санкции поради улогата во инвазијата.
Американскиот тим, како и во претходната рунда разговори, се очекува да биде воден од специјалниот пратеник Стив Виткоф, близок соработник на претседателот Доналд Трамп.
Русија моментално контролира околу 20 отсто од украинската територија и предупреди дека, доколку преговорите пропаднат, ќе се обиде да го заземе и остатокот од регионот Донецк. Анализите сугерираат дека со сегашното темпо на напредување, на руската армија би ѝ биле потребни уште најмалку 18 месеци за целосно освојување на регионот, при што би се соочила со силно утврдени урбани центри.
Анкетите покажуваат дека мнозинството Украинци се против договор што би значел отстапување територија во замена за мир. За многумина, идејата да се откажат од области кои со години се бранат со човечки жртви е неприфатлива.
И покрај притисокот од Киев врз западните сојузници за поголема воена и економска поддршка, дел од украинската јавност останува скептична. По првиот круг разговори во Абу Даби минатиот месец, многумина не веруваат дека Москва навистина е подготвена на компромис.
„Мислам дека сето ова е претстава за јавноста“, изјави жител на Киев за АФП, додавајќи дека Украина мора да се подготви за најлошото, додека сè уште се надева на најдоброто.
