Окружниот суд во Билефелд одобрил отварање на постапка за инсолвентност. Тоа значи дека актуелната управа ќе остане на функцијата, но ќе биде под надзор на надворешен советник за реструктурирањe.
Во наредните месеци, работниците на Gerry Weber International ќе примаат плати од фонд за инсолвентност, додека компанијата ќе се обиде да најде решение за продолжување на делувањето. Според соопштението на управата, целта е да се прилагоди структурата на компанијата на актуелните пазарни услови и да се осигури продолжување на работата. Клучно ќе биде да се уверат инвеститорите дека Gerry Weber има иднина на модниот пазар.
Управата на Gerry Weber наведе дека финансиските инвеститори ќе учествуваат во процесот на реструктурирање и ќе обезбедат потребна финансиска поддршка. Тие исто така изјавија дека клучни оперативни партнери, вклучувајќи ги и оние во логистиката и набавката, изразиле подготвеност да помогнат во стабилизација на бизнисот.
Сепак, се поставува прашањето дали тоа ќе биде доволно за долгорочно спасување на брендот. Gerry Weber долго време се бори со застарен имиџ, и покрај обидите за модернизација. Основан во 1973 година, брендот помина низ турбулентни фази на делување во последните години. По експанзијата и преземањето на ланецот Hallhuber, компанијата првпат прогласи банкрот во 2019 година.
Потоа, во 2023 година, беше покрената постапка за прединсолвентно реструктурирање, што резултираше со затворање на 122 од 171 продавници во Германија и дополнителни 83 продавници во Австрија, додека повеќе од 400 работници останаа без работа.
Компанијата исто така излезе од берзата, а нејзините малопродажни и e-commerce единици беа разделени во посебни бизнис субјекти. Клучни инвеститори, вклучувајќи ги Robus Capital, Whitebox и J.P. Morgan, останаа вклучени и се согласија на одложување на побарувањата до 2027 година.
Меѓутоа, плановите на менаџментот, засновани на оптимистички проекции на приходите, не се остварија, а послабите продажни резултати во текот на божиќната сезона дополнително ја влошија ситуацијата. Официјалното објаснување на управата наведува дека промените во набавната политика на трговците на големо негативно влијаеле на бизнисот. Поради тоа, тие наведуваат дека финансиските проблеми на еден од дистрибутерите довеле до одлагање на плаќањата, што уште повеќе ја влошило ситуацијата.
Тешкотиите со кои се соочува Gerry Weber се одразуваат на пошироката криза во германскиот моден сектор. Претседателот на германското здружение за текстил, обуќарска и кожарска трговија (BTE), Марк Раушен, неодамна предупреди на растечките проблеми во оваа индустрија. Поради зголемените трошоци за енергија, наемнини и плати, кои во просек пораснале за 20% во однос на 2019 година, многу трговци се соочуваат со финансиски предизвици.
Пред две години, повеќе познати брендови, како што се трговскиот ланец Galeria, модните куќи Esprit и Sinn, исто така прогласија банкрот. Вкупниот приход во текстилниот сектор во Германија за 2024 година изнесува 67,5 милијарди евра, што е на исто ниво како и претходната година, и покрај благо зголемување на цените.