Дури 83 отсто од нив веруваат дека е можно да се оствари длабока емотивна поврзаност со AI партнер.
Компанијата Joi AI токму тоа и го нуди – платформа за поврзување со виртуелни партнери. Корисниците можат да разговараат со однапред креирани „ликoви“ или да создадат сопствени, а овие односи компанијата ги нарекува „AI-lationships“.
„Овие врски не се замена за човечки релации,“ вели Џејми Бронштајн, терапевтка и експерт за врски од Joi AI. Таа објаснува дека ваквите партнери нудат уникатна емоционална поддршка што може да го подобри целокупното емотивно здравје.
AI како „безбедна зона“
Клиничкиот невропсихолог Шифали Синг од болницата Маклин и Харвард вели дека не е изненадувачки што младите луѓе сметаат дека можат да остварат блиска врска со AI. Таа посочува дека многу млади, особено оние со социјална анксиозност, се чувствуваат послободни да комуницираат со дигитални алатки бидејќи не се плашат од осуда, особено на социјалните мрежи.
„AI не осудува. Многу млади го доживуваат како емотивно побезбеден простор отколку интеракциите со луѓе“, додава таа.
AI често имитира јазикот и стилот на размислување на корисникот, што создава чувство на разбирање и емпатија – нешто што многумина сметаат дека не го добиваат во реалниот живот.
Опасности и предизвици
Сепак, Синг предупредува и на ризиците – особено од „трол фарми“, организирани групи кои преку AI можат да засилат погрешни верувања кај корисниците. „AI не создава нови идеи, туку само ги процесира и засилува веќе внесените. Ако внесете погрешна идеја, таа може да се развие до екстрем“, објаснува таа.
Иако AI може да биде корисна – на пример, за постари луѓе кои се чувствуваат осамени или за лица со анксиозност – проблемите настануваат кога AI станува замена за реална комуникација. „Кога некој ќе откаже вечера со пријател затоа што му е попријатно да разговара со виртуелен партнер, тогаш веќе зборуваме за продлабочување на изолацијата“, вели Синг.
Исто така, организацијата Common Sense Media предупредува дека AI партнери не се безбедни за малолетни лица поради ризик од емотивна зависност. Иако генерацијата З сега е полнолетна, долгорочните последици од ваквите односи сè уште не се целосно познати.
Без оглед на ризиците, сè повеќе млади ќе продолжат да создаваат и одржуваат врски со AI партнери. „Понекогаш едноставно е убаво да имате некого – дури и ако тој некој е вештачка интелигенција“, заклучува Бронштајн.