Повеќе од 100 бегалци од Судан загинале или се исчезнати во два бродоломи во Либија

Повеќе од 100 бегалци од Судан загинале или се исчезнати во два бродоломи кај брегот на Тобрук во источна Либија, соопштиле во средата Меѓународната организација за миграции (IOM) и Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци (UNHCR).

UNHCR во Либија објави дека првиот бродолом се случил уште во саботата, 13 септември, кога се превртел „чамец“ со 74 лица, претежно бегалци од Судан, а само 13 лица преживеале.

Меѓународната организација за миграции (IOM) соопштила во неделата за пожар во гумениот чамец со 75 бегалци од Судан на патот кон Грција, при што се удавиле најмалку 50 лица.

IOM повикала на „итна акција за да се запре оваа трагедија на морето“.

Обалните стражи на земјите на источниот Медитеранот речиси никогаш не известуваат за бродоломи или спасувачки операции во своето подрачје.

До 13 септември оваа година, 456 лица изгубиле живот, а 420 се исчезнати по патот преку централниот дел на Средоземното море, најопасниот на светот за мигрантите, според податоците на IOM во Либија.

Оваа година, 17.402 мигранти биле пресретнати и вратени во Либија, меѓу кои 586 деца.

Либија – клучна транзитна точка за мигранти и бегалци

Либија е една од главните транзитни точки за мигранти и бегалци од субсахарска Африка кои бегаат од војни и сиромаштија во своите земји и се обидуваат тајно да стигнат до Европа. Либија е исто така дом за стотици илјади судански бегалци.

„Имајќи предвид дека безбедни и легални патишта до Европа се достапни само за многу мал број луѓе, вистинското решение е да се стави крај на војната во Судан, за да семејствата безбедно можат да се вратат дома и да ги избегнат опасните патувања“, соопшти UNHCR во Либија во средата.

Либија се наоѓа на 300 километри од италијанската обала на запад и на 500 километри од грчката обала на исток.

Таа северноафриканска земја се бори да ја врати стабилноста по свргувањето на диктаторот Моамер Гадафи во 2011 година и стана едно од главните центри за трговија со луѓе во Африка.

Два раководства се борат за власт во поделена Либија: Владата на национално единство која е призната од ОН, со седиште во Триполи, и другата во Бенгази на исток, која ја контролираат одметнатите фелдмаршал Калифа Хафтар и неговите синови.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни