Повеќе култура и подобар оброк – повеќе за студентите

Со потпишувањето на Меморандумот за попусти во сите Национални установи, студентите добиваат зголемен пристап до културните случувања, кои до сега можеби не беа толку достапни за нив.

Меморандумот ќе придонесе за зголемување на присуството на студентите во културната сфера во нашата држава.

Поволностите ќе може да ги користат во вкупно 68 установи или поточно во:  5 Библиотеки, 16 Центри за култура, 8 Театри, 5 Заводи и музеи, 12 Музеи, 2 Спомен куќи, 3 Галерии и  17 Уметничко – сценски установи. Така наместо да плаќаат 500 денари за билет за претстава во МНТ, ќе плаќаат 250 денари со стапување на сила на меморандумот.

„Со Меморанудум е уреден студентски попуст од 50 проценти на влезниците за сите студенти кои што имаат индекс со заверен семестар за влез и следење на програмите на националните установи од областа на културата“,  рече министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, во изјава за медиумите.

Ова не е само финансиско олеснување за студентите, туку и можност за нив да стапат во контакт со различни аспекти на културата. Оваа иницијатива им дава можност на младите луѓе да ги развиваат своите таленти и интереси, што може да им помогне понатаму во нивната лична и професионална кариера.

Со тоа ќе се поттикне интересот кон културата и ќе им овозможи да го истражат богатството што го нуди нашата држава. Културата има моќ да отвори нови хоризонти и погледи, и со оваа иницијатива се создадава подобра културна заедница.

Примерот од Европа со кој се охрабруваат и се воведуваат младите во културната сфера, а со тоа им даваат правец и се едуцираат резултираше со голем успех и младите ги врати на вистинска патека. Идејата за потпишување на овој меморандум е за иста цел, да ги насочи младите кон вистинските вредности и како правилно да го искористат своето слободно време.

Во исто време, промената на Законот за субвенционирање на студентски оброк, која беше усвоена со големо единство во пратеничкиот дом со 74 гласа „за”, претставува значаен чекор кон поедноставување на финансиските аспекти на студентскиот живот. Со новите промени, средствата за оброк ќе се исплаќаат на неделно ниво, што ќе го олесни менаџирањето на финансиите за студентите и ќе ги ослободи од дневниот притисок на трошењето. Оваа промена ги прилагодува условите според потребите на студентите и им овозможува да управуваат со своите средства на подобар начин.

Овие иницијативи се дел од широката ангажираност за поддршка на образованието и културата, со цел да се создадат подобри услови за развој на студентите и да се стимулира нивната активна улога во културната и образовната сцена на земјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни