Вкупно 361 новинар бил во затвор на крајот од 2024 година, според податоците на невладината организација Комитетот за заштита на новинари (CPJ). Оваа организација по прв пат го стави Израел високо на листата на земји со најмногу затворени новинари, веднаш зад Кина.
Оваа бројка е највисока од 2022 година кога беа уапсени 370 новинари и претставува „сигнал за аларм“, изјави Џоди Гинсберг, раководителка на CPJ, организација која се бори за слободата на медиумите.
До 1 декември, Кина држела 50 новинари во затвор, Израел 43, а Мијанмар 35.
CPJ укажува дека општата цензура во Кина го отежнува точното проценување на бројот на затворени новинари, но се забележува пораст на бројот на новинари кои доаѓаат од Хонгконг, вклучувајќи го медиумскиот магнат Џими Лај, кој е во затвор од крајот на 2020 година.
Израел го зазел високо место на оваа листа по започнувањето на војната против Хамас во Газа во 2023 година. Бројот на новинарите затворени во Израел и палестинските територии повеќе од двојно се зголемил за една година. Во притвор се наоѓаат 43 новинари, сите Палестинци, што го става Израел пред Мијанмар (35), Белорусија (31) и Русија (30) по бројот на притворени новинари.
Џоди Гинсберг нагласи дека „порастот на нападите врз новинарите скоро секогаш претходи на нападите врз другите слободи – слободата на објавување и пристап до информации, слободата на движење и собирање, слободата на демонстрирање“.
Азија е најпогодениот континент по ова прашање. „Новинарите кои едноставно сакале да извештаваат за корупцијата и злосторствата или за разорниот ефект на климатските промени врз локалното население, завршиле зад решетки“, рече Бех Лих Џи, задолжен за Азија во оваа невладина организација.