Потврден антракс во Хрватска – воведени итни мерки

Во Хрватска е потврден случај на антракс (познат и како „бедреница“), опасна заразна болест што главно ги погодува животните, но може да се пренесе и на луѓето. Жариштето е лоцирано во областа на општината Врлика, каде што досега угинале 40 грла говеда.

Надлежните институции веднаш презедоа итни мерки: задолжителна вакцинација на добитокот, забрана за користење месо и млеко од потенцијално заразени животни, како и превентивно лекување со антибиотици за сите кои биле во контакт со заболени животни од антракс.

Министерот за земјоделство Давид Влајчиќ изјави дека ситуацијата е сериозна, но под контрола. Дел од земјоделците веќе добиле вакцини, а имотите ќе останат под посебен надзор додека не се воспостави целосна биосигурност.

Директорот на Хрватскиот завод за јавно здравје, Крoнуслав Цапак, потврди дека ризикот за пошироката јавност е низок, но апелираше за внимателност кај сите што се во контакт со добиток во засегнатите региони.

Антраксот најчесто се активира по обилни врнежи и поплави, кога спорите на бактеријата се ослободуваат од почвата. Болеста не се пренесува лесно од човек на човек, но бара внимателно постапување и итно пријавување на секое сомнително угинување кај животните.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни