Пост-одморска депресија

Дали сте приметиле дека по завршувањето на вашиот одмор честопати се чувствувате депресивно? Вистината е дека не сте само вие и причината за ова чувство не се крие во тоа дека вашиот одмор завршил или затоа што се враќате да живеете во Македонија, напротив истражувањата докажаа, пост-одмор депресијата постои и е реална. Иако ваквиот пронајдок не е признаен како официјална здравствена состојба, истражувањата покажуваат дека еден од пет луѓе задолжително ја чувствуаат депресијата по своето враќање од пат.

Состојбата се манифестира со негативни емоции, емоционална непријатност, нерасположеност и неволност да се вратите на своите редовни рутини и активности. Мотивацијата кај луѓето кои доживуваат пост-одмор депресија е значително опадната и стрестот е зголемен, така да голем дел од нив иако се обидуваат да бидат проактивни и да се вратат на работата и обврските, тешко успеваат во истото. Ова само докажува дека проблемот не е во вас и прашањето „Како може да си уморен/уморна кога само што се врати од одмор“, конечно добива одговор, вие поминувате низ пост-одмор депресија.

Најголемата причина зошто се чувствувате вака по завршувањето на вашиот одмор лежи во промената на левелот на допамин во вашиот мозок. Лачењето на допамин во вашиот мозок е причината заради која вие се чувствувате среќно и мотивирано. Вашиот мозок го лачи истиот кога правите нешто кое ви е пријатно и во кое уживате. Можете да замислите која е разликата на левелот на допамин додека сте на одмор и по враќањето, така да негативните емоции кои ги чувствувате не се затоа што вашиот живот е за никаде, туку вашиот мозок се прилагодува на нормалното ниво на допамин.

Па, како можете да си помогнете себеси оваа состојба да помине поглатко и полесно?

Психолозите советуваат полека да се враќате на својата секојдневна рутина наместо истото да го направите преку ноќ. Огромен дел од луѓето се враќаат на своите работни обврски (најчесто дупло зголемени поради тоа што биле отсутни) брзајќи да завршат работа за која е потребно повеќе од еден ден. Олабавувањето на вашиот распоред и правењето на подобра организација може значително да помогне, но доколку одиме со претпоставката дека вашиот шеф не верува ниту во официјална депресија, а камоли пост-одморна, вие мора да бидете паметни и да се потрудите сами да најдете начин за вашиот распоред да биде порелаксиран. Доколку на работа не постои начин да го намалите темпото, одложете ги бар домашните обврски како што се чистењето, готвењето, распакувањето и така натаму. Не мора веднаш да направите се во првите три дена од вашето враќање дома.

Еве и еден момент каде сите фотографии и видеа од вашиот одморот се важни. Психолозите во истражувањата докажале дека луѓето кои се навраќаат на спомени и убави моменти од одмор, полесно и побрзо поминуваат низ оваа состојба, така да конечно имате изговор да направите милион и една фотографија. Сега седнете и изгледајте ги сите. Присетете се колку убаво помина вашето патување.

Последниот совет има можеби најмногу смисла, но исто е и најтешкиот доколку вашиот буџет е ограничен. Имено, истражувањето покажува дека луѓето кои имаат закажано следно патување/одмор, се справуваат многу полесно со пост-одморската депресијата од проста причина што имаат на што да се радуваат и знаат дека ги очекува нов буст на допамин. Но секако дека не мора да уплатите нов одмор за да имате на што да се радувате. Дури и мало викенд патување или еднодневна екскурзија во наредните денови може да го направи истиот ефект. И самите знаете дека работната недела оди многу побрзо кога знаете дека во сабота или недела имате закажано/договорено нешто во кое ќе уживате макар и тоа да е само салата и оладена ракија во двор.

Авторката е магистер по правни науки, писателка, станд ап комичарка и радио и ТВ водителка

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни