Победничката фотографија го прикажува деветгодишниот Махмуд Ајџур, кому му биле ампутирани рацете при израелски напад во Газа минатата година. Фотографијата, која во четвртокот доби признание, ја направи Самар Абу Ел Уф за весникот The New York Times.
Фотографијата, која беше наградена во четвртокот, ја направи Самар Абу Ел Уф, фотографка од Газа, која сега работи за The New York Times. На фотографијата е прикажан Махмуд Ајџур.
„Една од најтешките работи што ми ги раскажа мајката на Махмуд беше како тој првпат сфатил дека му се ампутирани рацете – првата реченица што ѝ ја кажал била: ‘Како ќе можам да те прегрнам?’“, раскажува Ел Уф.
Махмуд бил евакуиран во Доха, Катар, по израелска експлозија во март минатата година, за време на тековниот воен конфликт во кој, според достапни извештаи, загинале најмалку 51.025 Палестинци, а околу 116.432 се ранети. Голем дел од енклавата е претворен во урнатини.
Фотографката Ел Уф, исто така од Газа, била евакуирана во декември 2023 година и сега фотографира тешко повредени Палестинци во Доха.
„Ова е тивка фотографија што зборува гласно. Раскажува приказна за едно дете, но и за поширокиот конфликт што ќе остави траги на генерации“, рече Џумана Ел Зеин Хури, извршна директорка на World Press Photo.
Жирито ја пофали фотографијата за нејзината „силна композиција, вниманието на светлината“ и за темата која предизвикува длабоко размислување – особено околу прашањата за иднината на Махмуд.
Фотографијата исто така беше пофалена за начинот на кој ја прикажува „дехуманизацијата на регионот и немилосрдното таргетирање на новинари во Газа, во услови на постојано негирање пристап за меѓународни известувачи што се обидуваат да ја прикажат реалноста на овој конфликт“.