Сокот од портокал менува илјадници гени во имунолошките клетки, покажува нова студија

Научниците открија дека редовното консумирање природен сок од портокал влијае врз воспаленијата, крвниот притисок и метаболизмот на шеќерот – со потенцијални придобивки за здравјето на срцето.

Иако портокаловиот сок за многумина е само дел од секојдневниот појадок, новите научни увидувања покажуваат дека неговото влијание врз организмот е многу подлабоко отколку што претпоставувавме. Најнова студија открива дека редовното консумирање природен сок од портокал го менува начинот на кој работат илјадници гени во имунолошките клетки и тоа во насока што придонесува за намалување на воспаленијата, регулирање на крвниот притисок и подобрување на метаболизмот на шеќерот.

Според анализата на професорот Дејвид С. Гејз од Универзитетот во Вестминстер, кој ги обработува резултатите за The Conversation, голем број од гените врз кои влијае портокаловиот сок се поврзани токму со процеси што се од суштинско значење за долгорочно кардиоваскуларно здравје.

Истражувањето опфатило возрасни лица кои секојдневно пиеле по 500 мл чист, пастеризиран сок од портокал во период од два месеца. По 60 дена, гените NAMPT, IL6, IL1B и NLRP3, кои се активираат под стрес и се поврзуваат со воспалителни процеси, покажале значително пониска активност. Намалена активност е забележана и кај генот SGK1, кој влијае на задржувањето натриум во бубрезите. Овие промени се совпаѓаат со претходни студии кои покажуваат дека редовното консумирање портокалов сок може да го намали крвниот притисок кај младите возрасни.

Научниците објаснуваат дека сокот од портокал предизвикува мали, но клинички значајни промени во регулаторните системи на организмот – што резултира со опуштање на крвните садови, намалување на воспаленијата и подобра кардиоваскуларна функција. Флавоноидот хесперидин, природна состојка во портокалите со силни антиоксидативни и антиинфламаторни својства, игра клучна улога во овие процеси.

Интересен аспект од студијата е што телесната тежина влијае врз изразеноста на генетските промени. Кај лица со прекумерна тежина повеќе биле погодени гените поврзани со метаболизмот на мастите, додека кај послабите учесници биле забележани посилни промени кај воспалителните гени.

И други истражувања дополнително го потврдуваат позитивниот ефект на портокаловиот сок. Метанализата на 15 контролирани студии со 639 испитаници покажува дека редовното консумирање може да ја намали инсулинската резистенција и LDL холестеролот – два фактори со централно значење за ризикот од дијабетес и срцеви заболувања. Во друга студија со лица со прекумерна тежина, секојдневниот внес на портокалов сок го намалил систолниот крвен притисок и ги зголемил вредностите на HDL, познат како „добар“ холестерол.

Во испитувањата што ги анализираат метаболитите, портокаловиот сок покажал влијание врз енергетскиот метаболизам, интекелуларната комуникација и воспалителните патишта. По еден месец редовно консумирање портокал, кај доброволците била забележана повисока концентрација на корисни бактерии во цревата кои произведуваат кратколанчести масни киселини – соединенија што се поврзуваат со регулиран крвен притисок и низок степен на воспаление.

Дополнително, кај лица со метаболен синдром, портокаловиот сок ја подобрил ендотелната функција односно способноста на крвните садови да се релаксираат и прошират. Подобрата ендотелна функција долгорочно го намалува ризикот од срцев удар.

Иако не сите студии забележуваат драматични промени во HDL холестеролот и триглицеридите, најголемиот број научни трудови упатуваат на ист заклучок: портокаловиот сок го намалува воспалението, го подобрува протокот на крв и придонесува кон подобри биомаркери за здравје на срцето. Дури и истражување во фабрика за производство на сок во Бразил утврдило дека работниците имаат пониски нивоа на apo-B – маркер кој ја одразува концентрацијата на честички што го зголемуваат ризикот од срцев удар.

Како што сугерираат неколку водечки истражувачи, малите, но постојани промени во генската експресија можат да создадат силен заштитен ефект кога станува збор за воспаление, метаболичка стабилност и здравје на крвните садови. Портокаловиот сок, иако едноставен и секојдневен пијалок, повторно се потврдува како природен сојузник за подобро долгорочно кардиоваскуларно здравје.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни