Поранешниот принц Ендру иселен од езиденцијата во Виндзор

Поранешниот принц Ендру се иселил од резиденцијата во Виндзор по новите откритија во случајот Џефри Епстин. BBC пренесува дека е привремено сместен на имотот Сандрингам.

Поранешниот британски принц Ендру ја напуштил својата луксузна резиденција во Виндзор и се преселил на кралскиот имот Сандрингам во источна Англија, под товарот на новите откритија поврзани со случајот на осудениот педофил Џефри Епстин, објави BBC.

Според информациите, Ендру вчера ја напуштил резиденцијата „Ројал Лоџ“ во Виндзор. Додека BBC наведува дека преселбата е веќе извршена, агенцијата AFP пренесува дека Бакингемската палата одбила официјално да ја потврди оваа информација. Според британскиот јавен сервис, поранешниот принц е привремено сместен во објект на имотот Сандрингам, додека се реновира неговиот нов дом.

На братот на кралот Чарлс Трети уште во октомври му било наложено да ја напушти вилата во која повеќе од дваесет години живеел со својата поранешна сопруга Сара Фергусон, откако му беа одземени кралските титули поради поврзаноста и пријателството со Џефри Епстин.

Во изминатите денови притисокот врз Ендру Маунтбатен-Виндзор дополнително се засили, откако неговото име се појави во нови документи поврзани со Епстин, објавени во петокот од американското Министерство за правда. Меѓу компромитирачките материјали се наоѓаат фотографии на кои тој клечи над жена, како и електронска пошта во која го повикува Епстин на „приватна“ средба во Бакингемската палата.

Британскиот премиер Кир Стармер реагираше на овие откритија, изјавувајќи дека поранешниот принц треба да сведочи пред американскиот Конгрес за злосторствата на покојниот Епстин.

Една од жртвите на Епстин, Вирџинија Џуфре, тврдеше дека трипати била присилена на сексуални односи со Ендру. Во 2022 година тој ѝ исплати повеќемилионска отштета, без да ја признае вината. Џуфре си го одзеде животот во својот дом во Австралија во април минатата година.

Дополнително, уште една жртва на Џефри Епстин, преку својот адвокат, изјави дека во 2010 година била испратена во Обединетото Кралство за да има сексуални односи со Ендру во резиденцијата „Ројал Лоџ“, во близина на замокот Виндзор.

Портпарол на британската локална полиција во вторникот вечерта изјави дека „информацијата ќе биде разгледана“, но дека засега ниту жената ниту нејзиниот адвокат не стапиле во контакт со полицијата.


е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни