Поранешниот француски претседател Саркози осуден за криминално здружување

Никола Саркози е прогласен за виновен за криминално здружување во случајот за нелегално финансирање од Либија, но ослободен од обвинувањата за корупција.

Париски суд денес го прогласи поранешниот француски претседател Никола Саркози за виновен за криминално здружување, во случај поврзан со наводно прифаќање на нелегално финансирање на неговата претседателска кампања од либискиот лидер Моамер Гадафи за изборите во 2007 година.

Сепак, судот го ослободи Саркози од обвиненијата за пасивна корупција, проневера на либиски јавни средства и незаконско финансирање на изборна кампања.

Обвинението за криминално здружување се однесува на неговото учество во група која подготвувала корупциско дело меѓу 2005 и 2007 година, според судот.

Судот сè уште го образложува пресудата и сè уште не изрекол казна за 70-годишниот Саркози, кој ја водеше Франција од 2007 до 2012 година. Саркози има право на жалба, што би ја суспендирало евентуалната казна додека не се донесе конечна одлука.

Оваа пресуда го прави Саркози првиот поранешен француски претседател осуден за вакво тешко кривично дело.

Обвинителството тврди дека Саркози склучил таен договор со Гадафи за финансирање на кампањата, за возврат на дипломатска реабилитација на Либија и попустливост за зетот на Гадафи, Абдала Сенуси, осуден во Франција за бомбашки напад врз авион во 1989 година, во кој загинаа 170 луѓе.

Во текот на тримесечното судење годинава, судиите разгледувале докази како патувања во Триполи во 2005 година, трансфери на пари преку офшор сметки и тврдења дека владата на Саркози му помагала на Гадафиовиот шеф на кабинет, Бешир Салех. Исто така, било испитувано и сомнителното убиство на либиски министер за нафта, чии белешки сугерирале дека се вршеле исплати „за Саркози“.

Саркози постојано ги негира обвинувањата, тврдејќи дека „нема ниту трошка доказ“ дека кампањата му била финансирана со либиски средства. Неговите адвокати сметаат дека случајот се темели на неверодостојни документи и сведоштва.

Овој случај е само еден од низата судски процеси против Саркози. Тој веќе е осуден во два други случаи: аферата „Бигмалион“ за прекумерно трошење во кампањата во 2012 година и случајот „Бизмут“ за корупција и злоупотреба на влијание.

Од јануари до мај оваа година, Саркози мораше да носи електронска нараквица, што е без преседан за поранешен претседател на Франција. Тој има поднесено жалба до Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).

Во случајот беа вклучени и 11 други обвинети, меѓу кои и тројца поранешни министри.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни