Поранешната српска тенисерка Татјана Јечменица го загуби животот во тешка сообраќајна несреќа што се случила синоќа нешто пред 21:00 часот во Србија, јавуваат регионалните медиуми.
Несреќата се случила на обиколница, каде што патничко возило во кое се наоѓала Јечменица се движело наназад, по што во него удрил камион. Според првичните информации, таа починала на самото место, додека нејзиниот сопруг се здобил со тешки повреди и бил итно пренесен во болница.
Пожарникарските екипи интервенирале веднаш по несреќата и ги извлекле сопружниците од целосно уништеното возило. Надлежните институции работат на утврдување на сите околности поврзани со трагичниот настан.
Татјана Јечменица во текот на својата кариера стигна до 72. позиција на ВТА-листата, што претставува нејзин најдобар пласман. По завршувањето на активното играње, беше ангажирана како селекторка на женската репрезентација во рамки на ФЕД Купот, каде активно работеше со новите генерации тенисерки.
Нејзината смрт предизвика бројни реакции во спортската јавност, која ја памети како борбена тенисерка и посветен спортски работник.