Поранешниот претседател на Јужна Кореја осуден на пет години затвор поради вонредна состојба

Судот во Сеул донесе прва пресуда против Јун Сук Јеол, кој се соочува со уште неколку обвиненија, вклучително и за побуна

Судот во Сеул го осуди поранешниот претседател на Јужна Кореја, Јун Сук Јеол, на пет години затвор по дел од обвиненијата поврзани со воведувањето вонредна состојба кон крајот на 2024 година, јавуваат Associated Press и Beta.

Ова е прва пресуда во низа судски постапки против поранешниот шеф на државата, кој се соочува со вкупно осум точки од обвинението. Судот утврди дека Јун незаконски вовел вонредна состојба без почитување на законската процедура и дека пркосел на обидите на институциите да го приведат.

Според обвинението, поранешниот претседател наредил и распоредување приватни безбедносни структури со цел да го спречи неговото апсење во претседателската резиденција на почетокот на јануари. Декретот за вонредна состојба бил на сила само неколку часа, но предизвикал сериозна политичка и институционална криза.

Јун не даде коментар по изрекувањето на пресудата, но претходно тврдеше дека обвиненијата се политички мотивирани. Тој беше уапсен во јануари минатата година, а во април беше официјално разрешен од функцијата откако Уставниот суд го потврди неговиот опозив.

Дел од обвиненијата што сè уште се предмет на судска постапка предвидуваат и најстроги казни, вклучително доживотен затвор или смртна казна. Во меѓувреме, актуелниот претседател Ли Џе-Мјунг во јуни го одобри законот за покренување сеопфатни специјални истраги за обидот за воведување вонредна состојба.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни