Во светот на романтиката работите се значително менуваат по вашата 30та година. Пеперутките во стомак повеќе не се будат на фактот што тој ви дава чувство на авантура и возбуда и наместо тоа почнуваат да работат кога ќе почувстувате сигурност, почит и зрелост кај мажот со кој сте излезени на состанок. Девојчиња кои ме читате и сте на прагот од вашата 25та година време е да ви кажам дека за многу брзо работите ќе се променат.
За неколку години од сега повеќе нема да трчате по мажи кои не сакаат да ви посветат време и ќе разберете дека доколку некој не ви враќа на пораките вашиот интерес не се зголемува, туку напротив. Вие сте свесни за вашата вредност и знаете дека сте премногу зафатени со градење на вашите соништа и иднина за да си играте игри. И не само тоа. Одеднаш ќе сфатите дека е многу попривлечно да се гледате со некој кој прави место во своите долгорочни планови за вас, ве почитува и активно покажува желба да направи позитивна промена во вашиот живот наместо да ве остави емотивно изморени и апсолутно во прашалници за тоа кои се неговите намери.

Мажите кои добиваат зелено светло не се оние кои ќе се појават на врата со 101 ружа, туку оние кои кога ќе влезат во вашиот живот ќе сакаат да го направат подобар. Не сум слушнала ништо поромантично од фактот дека човекот со кој се гледа другарка ми, без воошто да му рече нешто, самиот одлучил да и ја поправи врата која крцка и лајсните кои биле одлепени! Да не ме сфатите погрешно, не бараме мајстор кој ќе се занимава со поправки по стан, туку човек кој ќе покаже дека се грижи за вас и сака да биде дел од решенитето, наместо од проблемот.
Ќе прашате зошто е ова толку романтично? Таквиот човек ви покажува дека вие можете да сметате на стабилност, сигурност и мир додека сте со него, а верувајте ми ова се скапоцени работи да се најдат кај една личност на денешно време. Човекот со кој сакате да го поминувате времето е оној кој ќе направи да се чувствувате лесно и безгрижно. Вашите приоритети и енергија се менуваат. Вие веќе имате доволно проблеми со кои се борите секојдневно во животот. Зошто би сакале некој кој ќе додадава тензија и притисок наместо да ви помогне да ја намалите?
Во ова се крие и одговорот зошто се повеќе не сме во врски. Јас навистина немам време за дополнителни проблеми. Мене апсолутно не ми е привлечно да играме игри кој кого му пишал прв, кој прв се јавил и слично. Знаете зошто? Затоа што повеќе не сме 16 години. Брканици, топло-ладно и страв од обврзување се нешто кое сакам да остане во времето кога бев емотивно незрела и не ја знаев разликата. Емотивната зрелост и интелигенција се најпривлечното нешто на свет и ова важи за двете страни. Доколку личноста не носи мир во вашиот живот, тогаш истите не заслужуваат да бидат дел од него и ова не мора и не треба да важи само за интимните врски. Напротив во процесот на созревање и лечење на самите себе од сите трауматизирачки искуства кои сте ги поминале, само мал дел од луѓето ќе останат да бидат покрај вас. Тоа е затоа што останатите биле дел од проблемот зошто сте се чувстувале „скршено“. Затоа ако поминувате толку време за да одлучите што ќе купите од облека и обувки, што ќе јадете, каде ќе одите на одмор и слични нешта што не е ви се за цел живот, зошто тогаш толку брзате да им ја отворите на одредени луѓе врата од вашиот дом и од вашата душа? Барајте луѓе кои ќе ви помогнат да „изградите“ нешто, наместо да го срушат.