Обилните врнежи од дожд за време на викендот предизвикаа сериозни поплави во јужните и источните делови на Шпанија, при што едно лице го загуби животот, а две лица се водат како исчезнати, соопштија шпанските власти.
Брзите водени струи носеа автомобили и мотоцикли, додека надлежните служби ги повикаа граѓаните да останат во своите домови и да избегнуваат движење, особено во поплавените и ниските подрачја.
Во регионот Валенсија, каде што во октомври минатата година катастрофалните поплави одзедоа повеќе од 220 животи и предизвикаа штети од неколку милијарди евра, властите издадоа црвени алармни предупредувања директно на мобилните телефони на граѓаните, апелирајќи тие да останат во домовите и на повисоки места.
Покрај Валенсија, уште осум покраини беа ставени под портокалова тревога, што укажува на сериозен ризик по безбедноста на луѓето и имотот, со можност за дополнително влошување на временските услови.
Во Малага, припадници на шпанската Цивилна гарда го пронајдоа телото на маж чиј комби било однесено од надојдената вода. Едно лице кое било со него во возилото сè уште се води како исчезнато. Истовремено, итните служби трагаат и по младо лице во Гранада, кое било однесено од водата додека се обидувало да помине преку речно корито со мотоцикл.
Невремето ги зафати и други делови од земјата. Во Каталонија, поточно во Барселона, една жена била хоспитализирана откако врз неа паднал столб од улично осветлување, урнат од силен ветер со брзина од околу 70 километри на час.
Властите предупредуваат дека ситуацијата и понатаму е нестабилна и апелираат граѓаните да ги следат официјалните препораки и да избегнуваат непотребно изложување на ризик.
