Поплави, затворени патишта и евакуации: обилните врнежи ја парализираа земјата

Најкритично во Пелагонија, Полошко и Охрид – оштетени мостови, забранет сообраќај, поплавени земјоделски површини и евакуирани граѓани. Надлежните служби се на терен.

Обилните врнежи од дожд што ја зафатија земјата предизвикаа сериозни последици во повеќе региони, со најголеми проблеми во Пелагонискиот, Полошкиот и Југозападниот регион. До 17:00 часот регистрирани се затворени локални патишта поради оштетена инфраструктура, излевања на реки, поплавени земјоделски површини и евакуација на граѓани.

Во Пелагонискиот регион, состојбата е најкритична во Демир Хисар, каде што локалниот пат кон селото Мренога е целосно затворен поради оштетен мост. Во Битола, во населбата Стрчин интервенира ЈКП „Нискоградба“ со механизација за расчистување на улиците од чакал и земја, додека во селото Жабени ЈП „Водостопанство“ работи на регулирање на коритото на Жабјанска река. Поплавени земјоделски површини се евидентирани и во подрачјето на Елешка река, иако водостојот таму е во опаѓање. Во Крушево, комуналните служби и противпожарната единица интервенираат на зајакнување на насипите и континуирано го следат нивото на Црна Река, додека во Долнени се расчистуваат одводните канали во селата Лажани и Пешталево.

Во Југозападниот регион, најтешка е состојбата во Охрид. Противпожарната единица и комуналните служби вршат испумпување на вода од поплавени подруми, а општинските служби, Црвениот крст, Итната медицинска помош и полицијата се ангажирани во згрижување и обезбедување на евакуираните лица, кои се сместени во спортската сала „Христо Узунов“.

Полошкиот регион исто така е силно погоден. СВР Тетово воведе забрана за сообраќај на патот кон месноста Бањиче, додека во селото Стримница, во Општина Желино, испратена е механизација по излевањето на реката Вардар. Надлежните служби се на терен и ја следат состојбата на критичните точки.

Во Скопскиот регион, општинските служби во Зелениково ја следат состојбата на Вардар и потенцијално ризичните делови од коритото. Во Источниот регион, во Кочани, ЈП „Водостопанство – Брегалница“ интервенира со тешка механизација на Оризарска река кај селото Грдовци, додека во Кратово засега нема потреба од интервенции, но состојбата се следи. Во Југоисточниот регион, Струмица останува стабилна без регистрирани интервенции.

Во Североисточниот регион, во Куманово и околината, ЈП „Комуналец“ интервенира во селата Трново, Огут, Нерав и Калин Камен со чистење на снег и посипување на патиштата, а во селото Тлминци е извршена интервенција на цевковод по барање на жителите.

Надлежните институции апелираат до граѓаните да бидат внимателни, да ги почитуваат забраните за сообраќај и да ги следат официјалните известувања, додека состојбата и понатаму се следи поради можност од нови врнежи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни