Рама: Поплавени над 1.500 објекти и 13.000 хектари земјиште, евакуирани 339 лица во Албанија

Екстремните врнежи предизвикаа сериозни поплави низ земјата, една жртва во Драч, институциите со засилено присуство на терен

Премиерот на Албанија, Еди Рама, соопшти дека последиците од обилните врнежи од дожд се сериозни и зафатија голем дел од земјата. Според официјалните податоци презентирани на состанок на Меѓуминистерскиот комитет за цивилни вонредни ситуации, досега се евидентирани 1.587 поплавени домови и други објекти, како и 13.211 хектари земјоделско земјиште под вода.

Од поплавените подрачја евакуирани се 339 лица и 51 семејство, а регистрирана е и една жртва – вработен во комуналната служба на општина Драч.

Рама нагласи дека количината на врнежи достигнала и до 300 милиметри на квадратен метар, што е повеќе од просечната месечна количина дожд, но концентрирана во период од само три до четири дена. Според него, ваквите екстремни временски појави се директна последица на климатските промени и стануваат сè почести.

„Овој феномен повеќе не е исклучок, туку нова реалност. Секој граѓанин што претрпел штета ќе биде обештетен“, изјави Рама.

Вицепремиерката и министерка за инфраструктура и енергетика, Белинда Балуку, изјави дека состојбата со снабдувањето со електрична енергија е речиси целосно стабилизирана. Таа посочи дека над 1.600 вработени од 2 јануари се ангажирани на терен, особено во најпогодените региони Тирана, Драч, Валона, Ѓирокастро и Елбасан.

Министерката за внатрешни работи, Албана Кочиу, информираше дека низ целата земја се распоредени околу 5.500 полициски службеници со 700 возила, додека противпожарната служба ангажирала 720 пожарникари, 55 возила и 22 пумпи во критичните подрачја.

Иако врнежите во поголем дел од земјата се намалени, состојбата и понатаму внимателно се следи, особено во регионот на Драч.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни