Полска ја засилува одбраната: Расте стравот од руска закана, граѓаните се обучуваат за преживување

Полска сè поотворено се подготвува за можен вооружен конфликт, додека чувството на загриженост меѓу населението расте од ден на ден.

Од копање ровови и изградба на нови заштитни структури, до курсеви за преживување и вежби за цивилна одбрана, земјата сè повеќе го присвојува менталитетот дека опасноста е реална и постојана, пишува The Guardian. Инвазијата врз Украина во 2022 година, упади со дрон во полскиот воздушен простор и серијата саботажи поврзани со руските разузнавачки структури ја разбудија старата историска ранливост на државата, која се наоѓа во стратешкото срце на Европа.

Шеесетгодишниот Цезари Прушко, кој сè уште ги памети часовите по цивилна обука од времето на комунизмот, денес повторно ги обновува истите вештини во воена база крај Варшава. Заедно со десетици цивили, тој минува низ тренинг што опфаќа користење гас-маска, ориентација, палење оган и постапки во криза. Обуката е дел од амбициозен државен програм кој до 2027 година треба да подготви 400.000 граѓани, доброволци, од ученици до пензионери.

„Живееме во најопасните времиња од крајот на Втората светска војна“, изјави министерот за одбрана Владислав Косинијак-Камиш, подвлекувајќи дека секој мора да ги совлада основните вештини за снаоѓање во воена или безбедносна криза. Тој еден од клучните двигатели на целосната ревизија на националната безбедност, во која Владата предложи рекордни 4,8% од БДП за одбраната, еден од највисоките проценти во НАТО. Новите објекти мора да имаат засолништа, а старите веќе се обновуваат. Истовремено се гради и таканаречениот „источен штит“, комплекс од ровови и технолошки системи долж границите со Белорусија и руската ексклава Калининград.

Во база само неколку километри од границата, бригадниот генерал Роман Брудло вели дека руската агресија врз Украина го променила сè она што се сметало за нормално. „Мирното време заврши. Денес живееме во тешки, динамични услови“, предупредува тој. Според проценките што ги следи од разни разузнавачки извори, постои сценарио дека во рок од една до пет години Полска би можела да се соочи со директна инвазија. „Се надевам дека тоа никогаш нема да се случи“, додава тој.

Брудло признава дека традиционалната обука за тенковско и класично војување мора да се прилагоди на новата реалност – напади со дронови, хибридни операции и саботажи. Капетан Карол Франковски, одговорен за комуникации во бригадата, раскажува како на летните НАТО-вежби во Германија учествувал во симулација на хибридна криза, каде морале да комуницираат со „локални власти“, „новинари“ и „граѓани“ во услови на вонредна состојба.

Полските воени претставници сметаат дека една од тактиките на Москва и Минск е поттикнувањето на „илегални миграции“ за дестабилизација. Војската веќе ѝ помага на граничната полиција да открива лица што нелегално се обидуваат да влезат од Белорусија. Само ден пред посетата на новинарите, бил уапсен маж од Авганистан. „Не знаеме кој е, може да е шпион или лице што сака да ја поткопа нашата држава“, вели Франковски.

Иако Полска има нова прогресивна влада предводена од Доналд Туск, малку се промениле политиките околу миграцијата. Фокусот на потенцијалната руска закана го промени јавниот дискурс, дури и дел од либералите ги поддржуваат рестриктивните мерки. Активистката Александра Хржановска предупредува дека драмата на мигрантите што бараат заштита веќе не допира до јавноста и го нарекува актуелниот наратив „крајнодесничарски и расистички“.

Источниот штит, освен физички бариери, ќе опфаќа и технолошка инфраструктура, GPS кули и сензорни системи против дронови. Но, многу Полјаци веруваат дека доколку има конфликт, тој нема да личи на традиционалната војна со тенкови. Во Голдап, град на неколку километри од Калининград, луѓето се релативно мирни. „Стравот постои, но мислам дека Варшава би била поголема цел“, вели 45-годишниот директор на средно училиште, Пјотр Бартошук.

Петнаесетгодишната Корнелија Бржешинска, ученичка во воено насочување, верува дека Русија е закана, но дека НАТО го штити регионот. Сепак, кога би дошло до напад, таа би се ставила во служба на татковината: „Би отишла на фронтот. Ја сакам Полска и би ја бранила“, вели храбро. Ѕидовите на нејзиното училиште сè уште ги носат траговите од Втората светска војна, неми сведоци на историјата што се повторува.

Стравот од конфликт е најизразен кај постарата генерација, која уште ги носи сеќавањата од минатото. На крајот од обуката, Цезари Прушко објаснува дека ги организирал истите вежби и за своите вработени. „Младите пораснаа во Европската унија, во мир. Се надевам дека тие вештини никогаш нема да им затребаат, но мора да знаат што да прават ако тој ден некогаш дојде“, вели тој.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни