Полска синоќа затвори два аеродрома и подигна борбени авиони како одговор на интензивен руски напад со ракети и дронови врз Украина, соопшти Оперативната команда на полската армија.
Затворени се аеродромите во Љублин (на истокот од земјата) и во Жешов (југоисток), кој е едно од најважните логистички јазли за НАТО и главна точка за западна воена и хуманитарна помош кон Украина.
„Подигнати се борбените дежурни авиони, системите за противвоздушна одбрана и радарите се ставени во највисока борбена готовност. Овие мерки се превентивни, а силите се подготвени за итна реакција“, се вели во соопштението.
Сѐ поголем гнев меѓу Полјаците по честите прекршувања на воздушниот простор
По инцидентите во кои руски дронови и воени авиони навлегуваат во воздушниот простор на НАТО-членки, јавното мислење во Полска станува сѐ поодлучно.
Според анкета на Onet.pl, 67% од Полјаците сметаат дека треба да се соборат руски воени авиони доколку ја нарушат територијата на Полска. Само 8,7% се против такви реакции.
Во друга анкета објавена истиот викенд, 74% од испитаниците сметаат дека американскиот претседател Доналд Трамп требало поодлучно да реагира на инцидентот од 10 септември, кога дваесетина руски дронови влегоа во полскиот воздушен простор.
Зелeнски: Русија испратила 92 дрона кон Полска
Јавноста дополнително беше шокирана откако украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека во таа ноќ (10 септември), Русија испратила дури 92 дрона кон Полска, од кои украинските сили успеале да пресретнат и соборат мнозинството додека сè уште биле во украинскиот воздушен простор.
Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, потврди дека дел од дроновите пристигнале од белоруска територија.
Полска најавува директни одговори на нарушувања
Полскиот премиер Доналд Туск и министерот за надворешни работи Радослав Шикорски изјавија дека Полска ќе соборува руски авиони и дронови доколку влезат во нејзин воздушен простор.
Сепак, Туск нагласи дека одлуката за соборување ќе се донесува во координација со НАТО сојузниците, и само ако леталото се смета за реална закана, а не за грешка или провокација.