Во центарот на приказната е Рендл Патрик МекМарфи, во незаборавна интерпретација на Џек Николсон. Тој, обидувајќи се да избегне затвор, се претставува како психички болен за да биде префрлен во психијатриска установа. Но од моментот кога ќе влезе во институцијата, неговиот план добива многу подлабока димензија – предизвик на авторитети, рушење на стравот и потсетник за достоинството на секој човек.
Наспроти него стои сестрата Милдред Ретчед, лик што Луиз Флечер го претвори во едно од најстрашните, но истовремено најреалните олицетворувања на институционална моќ. Нејзината ладна дисциплина создава атмосфера во која тишината и покорноста се единствени правила.
Формановата режија, воздржана и документарна по дух, ја засилува клаустрофобичната атмосфера и постојаното чувство на притисок врз пациентите – и врз гледачот. Николсон, пак, испорачува една од најсложените изведби во својот опус: неговиот МекМарфи е и бунтовник и заштитник, и провокатор и трагичен херој.
Филмот влезе во историјата како вториот што освоил петте најпрестижни Оскари – за најдобар филм, режија, актер, актерка и адаптиран сценарио. Овој успех го зацврсти неговото место меѓу најзначајните филмски дела на 20. век.
Денес, 50 години подоцна, „Лет над кукавичјото гнездо“ и понатаму е актуелен. Темите на слобода, иденитет, отпор и потисната моќ одекнуваат и во современиот свет, каде што прашањето за границите на институциите останува подеднакво важно како и во 1975 година.
Извор: N1info.rs
