Во најновиот број на прилогот „Култура, уметност и наука“, белградскиот дневен весник Политика објави нов осврт кон српското издание на романот Столб што пее од македонскиот писател Томислав Османли, под наслов „Ода кон источниот Медитеран“. Романот неодамна беше објавен во Србија од новосадскота издавачка куќа Агора, во превод на писателот и преведувач Сашо Огненовски.

Овој осврт доаѓа по подеднакво содржајната рецензија објавена пред три месеци во белградскиот дневен весник Danas, со што српската книжевна јавност повторно покажува засилен интерес за делото на Османли. Текстот во „Политика“ е потпишан од истакнатата критичарка Александра Ѓуричиќ, писателка, драматург, музиколог и поранешна уредничка и редовна соработничка на културните рубрики на весникот.
Во својата анализа, Ѓуричиќ истакнува дека романот тешко може да се дефинира жанровски, но дека се чита „како песна во проза, како ода за Источниот Медитеран“, во која се преплетуваат историски личности и фиктивни ликови, а времето функционира како сферична димензија во која човечките трагедии и надежи постојано се повторуваат. Таа нагласува дека мозаичната структура на романот овозможува истовремено присуство на различни епохи, култури и судбини, создавајќи книжевен палимпсест во кој убавината и страдањето коегзистираат.
Посебно внимание во освртот е посветено на ликот на Сејкил, мелопоет од првиот век од нашата ера, чиишто оптимистички музичко-поетски запис на надгробен столб преживува векови и станува централна метафора на романот. Преку овој лик, пишува Ѓуричиќ, Османли ја отвора темата на нетрпеливоста како траен лајтмотив на човечката историја, но и ја спротивставува со вербата во животот, уметноста и убавината. Оваа линија, според неа, кулминира во современите епизоди поврзани со бегалските судбини од Блискиот Исток, кои го поврзуваат античкиот Медитеран со денешните европски миграциски патишта.
Критичарката дополнително ја истакнува формалната слобода на романот, кој, како што наведува, не е само за читање, туку и за „слушање“, со што Османли создава дело што може да се восприема истовремено како роман, хроника и хрестоматија на записи за човечкото страдање и искупување. Таа заклучува дека токму оваа необична книжевна постапка го прави „Столб што пее“ значајно и ретко дело во современата балканска и медитеранска проза.
Романот „Столб што пее“ претходно беше објавен и во Грција од издавачката куќа Literatus од Солун, каде што беше промовиран на Меѓународниот саем на книгата. Српскиот издавач „Агора“ пред неколку години го публикуваше и дистопискиот роман „Брод. Конзархија“ од Османли, за кој авторот ја доби меѓународната книжевна награда Zheng Niang. Според издавачот Ненад Шапоња, и најновиот роман бележи добар прием меѓу српската читателска публика, а двата објавени осврта во угледни белградски гласила го потврдуваат тој интерес.
