Но радоста траеше кратко: Москва уште истата вечер ја одби ревидираната верзија на планот. Оптимизам претходно поттикна и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен, која го поздрави „добриот напредок“ постигнат благодарение на „силното европско присуство“ на преговорите, пишува Politico.
Европците конечно повикани да учествуваат – но Русија вели „не“
Напредокот се состоел во тоа што европски и британски советници воопшто биле поканети на состанокот во Швајцарија, по нивното целосно изоставување од првичниот американско-руски план од 28 точки. Токму тој план предизвика паника во Брисел, бидејќи бил оценет како премногу наклонет кон Москва и потенцијално охрабрувачки за понатамошна руска агресија.
Но откако Русија ја одби ревидираната верзија – подготвена со учество на Украина и сојузниците – Киев се соочува со ризик Владимир Путин да го врати процесот на почеток: на контроверзниот договор за прекин на огнот кој би ги натерал Украинците да ѝ предадат територии на Москва, да се откажат од членство во НАТО и да ја намалат војската од речиси еден милион на 600.000 војници.
Во таков развој, украинскиот претседател Володимир Зеленски би бил принуден да избере меѓу два болно тешки исходи:
– да го прифати договорот обликуван од Трамп и Путин, или
– да ризикува долгорочна неизвесност надевајќи се на Европјаните – истите оние кои по речиси четири години војна сè уште не се подготвени да испратат свои трупи, ниту оружје во обемот кој го бара Киев, ниту да ја искористат замрзнатата руска имотина во нивните банки.
„Ни зборови, ни самити не победуваат диктатор“
Некои американски републиканци сметаат дека европското противење на Трамповиот план е наивно. Грег Свенсон, претседател на Republicans Overseas во Велика Британија, за Politico изјави:
„Која е алтернативата? Може да зборуваат убаво, да одат на сите дипломатски состаноци и да ги испратат најдобрите луѓе во Женева, но единствениот начин да се победи Путин е борба – а никој од нив не е подготвен да ја води“.
Европските политичари не се согласуваат – истакнуваат дека континентот испратил милијарди евра во оружје и помош за Украина, како и дека претрпел економски удари од намалената трговија со Русија, особено во енергетиката. Но останува фактот: Украина сама со Европа не може да очекува победа.
Кризата со замрзнатиот руски имот
Тоа стана очигледно пред еден месец, кога лидерите на ЕУ пристигнаа на самитот во Брисел уверени дека конечно ќе постигнат историски договор – користење на 140 милијарди евра замрзнат руски имот како „репарациски заем“ за Киев. Средствата ќе гарантираа финансиска стабилност на Украина во наредните две години. Но договорот пропадна поради неочекувани забелешки од Белгија.
Преговорите меѓу Европската комисија и земјите-членки, особено со белгиската влада, се интензивираат, но напредок сè уште нема. Некои дипломати се надеваат дека притисокот од Трамп ќе ги натера Белгија и другите воздржани држави да попуштат. Други стравуваат дека идејата за заем ќе пропадне ако во конечниот мировен договор биде вклучено користењето на тие средства.
Проблемите не застануваат тука: доколку санкциите врз Русија некогаш се укинат, Euroclear – депозитарот со седиште во Белгија – би можел да биде должен да ги врати средствата на Москва, што би ги изложило европските даночни обврзници на голем ризик.
Кој ќе го чува мирот?
Покрај финансиите, стои и прашањето за поствоена безбедност. Оваа година францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Киер Стармер водеа иницијативи за создавање меѓународни мировни сили доброволно составени од земји сојузници. Макрон дури спомена можност за испраќање трупи во Украина пред крајот на конфликтот – нешто за што денес повеќе не зборува.
Во Франција, чувствителноста околу темата ја откри последниот скандал предизвикан од новиот началник на Генералштабот, Фабиен Мандон, кој ги повика градоначалниците да ги подготват граѓаните за можност од војна со Русија. Макрон беше принуден да ја смири ситуацијата, тврдејќи дека Мандоновите зборови биле извадени од контекст.
Во Германија, министерот за надворешни работи Јохан Вадепфул нагласи дека Берлин „веќе дава посебен придонес“ со стационирање борбено подготвена бригада во Литванија.
Украинците, сепак, би сакале поголема западна посветеност на нивно тло – нешто што западноевропските влади го избегнуваат од страв од високи човечки жртви.
„Барем Трамп е искрен за тоа“, додава Свенсон. „Можеме да ја победиме Русија. Би ја победиле брзо – ако нема нуклеарно оружје во игра. Но тоа би чинело многу животи.“
Извор:Index.hr
