Политичките инфлуенсери стануваат нова сила во Европа: се бараат построги правила за рекламирање

„Се зголемува влијанието на политичките инфлуенсери во Европа. Новиот Digital Fairness Act би можел да воведе построги правила за политичка пропаганда и манипулација на социјалните мрежи.“

Во Европа се зголемува влијанието на политичките инфлуенсери — креатори на содржина кои преку социјалните мрежи промовираат партии, кандидати или идеологии и на тој начин влијаат врз јавното мислење. Според новата студија на германскиот Медиумски регулатор на Северна Рајна-Вестфалија (LfM), оваа појава го отвора прашањето: како да се регулира политичката пропаганда на интернет?

Европската Унија неодамна воведе нови правила за политичко рекламирање, насочени кон спречување на дезинформации и странско мешање во изборите. Сепак, инфлуенсерите сè уште не се опфатени со овие прописи, бидејќи нивните содржини се мешавина од лично мислење и информација — а тоа не се смета за новинарство.

„Колку е поголемо влијанието, толку е поголема одговорноста. Секој што со емоции или поларизација ја извртува политичката содржина, директно го поткопува довербата во демократијата,“ изјави д-р Тобијас Шмид, директор на LfM.

Инфлуенсерите стануваат најмоќниот медиум кај младите

Според истражувањето на Европската комисија за социјални медиуми во 2025 година, 37% од Европејците редовно следат инфлуенсери, а кај младите на возраст од 15 до 24 години — дури 74%.

Студијата открива дека во речиси 60% од содржините што ги објавуваат политичките инфлуенсери не може јасно да се разликува факт од мислење, што создава ризик од манипулација. Затоа регулаторите повикуваат на нови законски решенија што ќе овозможат транспарентност и санкции за лажни информации.

Дигитален Закон за фер трговија: можен одговор на проблемот

Европската комисија планира во 2026 година да го објави Digital Fairness Act (DFA) — нов закон што ќе ги заштити потрошувачите од манипулативен инфлуенсер маркетинг, „замки со претплати“ и токсични содржини на интернет.

Сепак, сè уште е нејасно дали политичките инфлуенсери ќе бидат вклучени во оваа регулатива. Правните експерти предупредуваат дека ЕУ мора јасно да дефинира што претставува инфлуенсер маркетинг и кој сноси одговорност за штетни содржини.

„Европа мора да реагира. DFA може да биде првиот чекор кон одговорност — да се забрани промоција на опасни производи и дезинформации,“ изјави Стивен Бергер од здружението на потрошувачи BEUC.

Инфлуенсери во служба на политика и пропаганда

Во последните избори во Романија, истрагите покажаа дека инфлуенсери биле платени од Русија за промоција на ултранационалистички кандидат, што доведе до поништување на првиот изборен круг.

Во Унгарија, владејачката партија „Фидес“ преку про-владиниот инфлуенсер центар „Мегафон“ ширела партиска пропаганда во текот на изборите за Европскиот парламент во 2024 година.

А во Франција, истражувањето на Лондонската школа за економија откри дека екстремната десница значително ја зголемила својата популарност благодарение на ТикТок-инфлуенсерите, особено Жордан Бардела, кој има над 2 милиони следбеници и се нарекува „кралот на ТикТок“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни