Претседателката на парламентот на Косово, Албулена Хаџиу, официјално ја презеде функцијата вршител на должноста претседател на државата, откако истече мандатот на досегашната претседателка Вјоса Османи. Примопредавањето на функцијата се одржа во Приштина, при што Османи ѝ ја предаде должноста на Хаџиу на церемонија во претседателската канцеларија.
Османи истакна дека е задоволна што функцијата ја остава во рацете на жена и изрази надеж дека и идниот претседател на државата ќе биде жена. Таа додаде дека водењето на државата носи голема одговорност, особено во делот на надворешната политика, армијата и претставувањето на единството на граѓаните.
Хаџиу, од своја страна, ѝ се заблагодари на Османи за нејзиниот петгодишен мандат и најави дека ќе ја извршува функцијата во согласност со Уставот и законите, повикувајќи на што побрз избор на нов претседател.
Според Уставот на Косово, доколку претседателот не биде избран навреме, претседателот на парламентот ја презема функцијата в.д. претседател најмногу до шест месеци. Во меѓувреме, Уставниот суд им одреди рок на пратениците до 28 април да изберат нов шеф на државата, а доколку тоа не се случи, земјата би можела да се соочи со предвремени парламентарни избори.
Политичката сцена во Приштина останува поделена, без јасен договор меѓу партиите за нов претседател, додека процесот на избор и понатаму е блокиран во парламентот.