Студентите во блокада во понеделникот доцна навечер го блокираа објектот на Радио-телевизија Србија (РТС) и најавија дека блокадата на зградата на јавниот сервис ќе трае 22 часа. Набрзо потоа им се придружија и колегите од Нови Сад, кои ја блокираа РТВ, а акцијата за блокада беше спроведена и во Крагуевец, каде што „мета“ беше РТК.
Студентите во блокада објавија на социјалните мрежи дека ги блокирале сите влезови во РТС, дека излезите ќе бидат дозволени за сите вработени, но дека „никој не влегува во зградата додека не се ослободи РТС“.
Тие ги повикаа сите граѓани да им се придружат, како и да остават донации.
„Ги повикуваме сите граѓани кои сакаат да остават донации да тоа го направат на блиските факултети (зграда на Техничките факултети, ТМФ, Машински факултет, Правен факултет, БАПУС)“, наведуваат студентите во блокада.
Ноќта беше обележана и со судир меѓу полицијата кои ја пробија блокадата на студентите и влегоа во зградата на јавниот сервис, при што по прв пат беа употребени и пендреци, а повреден беше и еден припадник на МУП.
И студентите од Нови Сад остануваат пред РТВ. Како што пренесува N1, еден од собраните студенти пред РТВ изјави дека тука се за да ги поддржат колегите од Белград и дека ќе останат пред таа телевизија – додека нивните колеги бидат пред РТС.