На барање на Вишото јавно обвинителство во Белград денеска екипи на српската полиција влегла во Ректоратот на Универзитетот во Белград со цел да ги заплени серверите и другите уреди и опрема на кои се чуваат снимки од надзорните камери во таа зграда, особено снимките од камерата на влезната врата во Ректоратот и вратата што води од него кон Филозофскиот факултет.
Обвинителството во соопштението наведува дека станува збор за ново барање до Управата за криминалистичка полиција (УКП) за собирање на потребните информации за утврдување на фактите и околностите во тековната предистражната постапка, што се води по настанот од 26 март на Филозофскиот факултет, откако пред Факултетот беше пронајдено тело на 25-годишна девојка.
Претрес и во канцеларијата на ректорот
Полицијата го ограничи влезот во Ректоратот, а на ректорот Владан Ѓокиќ му беше издадена наредба од судот во неговата канцеларија полицијата да изврши претрес на оваа високообразовна институција како дел од истрагата.
Според белградските медиуми, од досегашните извештаи собрани од лицата испрашани во својство на граѓани, тие снимки би можеле да бидат доказ во насока на утврдување дали жртвата влегла во Филозофскиот факултет преку Ректоратот на критичниот ден, дали влегла сама, со некого, дали носела нешто со себе.
Шефот на Делегацијата на Европската Унија во Србија, Андреас фон Бекерат, денеска изјави дека сите страни треба да се воздржат од политизирање и инструментализирање на смртта на студентката на Филозофскиот факултет во Белград повикувајќи ги медиумите да покажат почит во случај на оваа трагедија.