25 полицајци на обвинителна клупа за трагедијата во „Пулс“: три паралелни процеси за пожарот во Кочани

Судењата против полициски службеници се водат во три одвоени предмети, додека главниот процес против цивили и фирми останува обединет

Со почетокот на судските процеси против полициски службеници поврзани со трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, правната слика околу еден од најтешките настани во поновата историја на Македонија станува сè покомплексна.

Обвинителството покрена три одвоени обвиненија против вкупно 25 полициски службеници, кои ќе се разгледуваат во три паралелни судски постапки. Овие процеси ќе се одвиваат паралелно со главниот обвинителен акт, во кој се обвинети 35 физички лица и три компании.

Првото судење против тројца полицајци започна на 3 март. Тие се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување, поради внесување неточни податоци во службени записници, што според обвинението довело до погрешно водење на прекршочни постапки.

Денеска се очекува да започне и вториот процес, во кој девет полициски службеници се обвинети за истиот кривичен деликт, но за дејствија поврзани со работењето на објектот во периодот 2022–2023 година. Според обвинението, тие не извршиле целосни проверки при издавање согласности за работа на објектот.

Третиот и најобемен предмет опфаќа 13 полициски службеници, кои се гонат како соизвршители за тешки дела против општата сигурност. Обвинителството смета дека тие, за време на полициската контрола во дискотеката во критичната ноќ, не презеле мерки за заштита на присутните ниту ја спречиле употребата на непријавена пиротехника.

Паралелни постапки и различни линии на одговорност

Одлуката на Обвинителството да ги подели постапките против полицајците во три предмети отвора дилеми во јавноста и меѓу правните експерти.

Имено, додека полициската одговорност се разгледува во повеќе одвоени процеси, главниот предмет против цивилни лица и компании останува обединет во еден обемен обвинителен акт.

Според дел од правните експерти, ваквата структура може да го направи главниот процес покомплексен, бидејќи во него се вклучени лица со различни улоги – од сопственици на фирми до институционални структури и поранешни функционери.

Четири паралелни судски процеси

Со почетокот на новите судења, случајот „Пулс“ веќе се води во четири паралелни судски постапки.

Овој случај во изминатата година прерасна во еден од најголемите правни процеси во државата и се смета за сериозен тест за институциите, со оглед на бројот на обвинети, обемот на доказите и сложеноста на одговорноста.

Во следниот период се очекува судот да ги утврдува индивидуалните линии на одговорност, додека јавноста очекува процесот да донесе јасни одговори за причините и одговорноста за трагедијата во Кочани.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни