Канцеларијата за борба против корупција и организиран криминал (USKOK) денес поднесе обвинение против поранешниот долгогодишен градоначалник на Риека, Војко Оберснел, и уште три лица, поради малверзации со земјиште и недвижности, со што градот бил оштетен за околу 176.000 евра.
Во соопштението не се наведени имињата на обвинетите, но медиумите објавуваат дека, покрај Оберснел, обвинети се и поранешниот ватерполо репрезентативец Самир Бараќ, кој поседувал градежна фирма, поранешен раководител на градската управа за урбанизам и еден судски вештак.
Истрагата за купувањето станови изградени од фирмата на Бараќ, кои Град Риека ги презел за време на мандатот на Оберснел, беше покрената летово.
USKOK наведува дека кривичните дела биле извршени во периодот од јуни 2008 до крајот на 2016 година, за време на вториот и третиот мандат на градоначалникот од опозициската Социјалдемократска партија.
Според обвинението, Оберснел заедно со раководителот на управата, по иницијатива на Бараќ, ја фаворизирале фирмата на Бараќ на штета на финансиските интереси на Град Риека.
Градот во 2008 година му доделил градско земјиште за изградба на повеќестамбена зграда на фирмата на Бараќ, која на конкурс била избрана како најповолен понудувач.
Како што се наведува, тие ги прифаќале условите на Бараќ за измена на условите за исплата на купопродажната цена и издавале согласности, овозможувајќи парцелација на градското земјиште во согласност со неговите интереси.
Иако конкурсот предвидувал изградба на една зграда, биле одобрени две.
Според обвинението, Оберснел му овозможил на Бараќ долгот кон Градот да го подмири со станови чија вредност била вештачки зголемена.
По изградбата на становите, по налог на Оберснел и раководителот, Град Риека презел два стана уште пред да биде издадена употребна дозвола.
Судскиот вештак во 2013 и 2014 година ги проценил тие станови на значително повисока вредност од пазарната и од цените по кои слични станови биле продавани на други купувачи.
USKOK обвинението го поднел пред Жупанискиот суд во Риека.
