Блискиот Исток повторно е на раб на поширок конфликт. Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека извршиле „опсежен бран воздушни напади“ врз цели на иранскиот режим во Техеран, додека истовремено биле погодени и цели во Бејрут.
Според иранските медиуми, погоден е аеродромот Мехрабад во Техеран, а фотографиите објавени од агенцијата Мехр прикажуваат густ чад што се издига од областа. Израелската војска претходно наведе дека нападите биле „прецизно насочени“ и претставуваат нова фаза на ескалација.
Истовремено, израелски медиуми тврдат дека и Катар во изминатиот ден извршил напади врз Иран, повикувајќи се на неименувани западни извори. Засега нема официјална потврда за тие информации.
Трамп: Имаме неограничени залихи муниција
Претседателот на САД,Доналд Трамп, порача дека Америка располага со „неограничени залихи муниција“ и дека е подготвена за долготраен конфликт. Тој најави и одговор на нападот со дронови врз американската амбасада во Ријад, при што била предизвикана материјална штета и избувнал помал пожар.
Во меѓувреме, Иран ги засили ракетните и дрон-напади врз земјите од Персискиот Залив кои се домаќини на американски воени бази, како реакција на неодамнешните американски и израелски удари.
Британија испраќа разорувач
United Kingdom ја засилува противвоздушната одбрана во својата база на Кипар и во источниот Медитеран го испраќа разорувачот HMS Dragon.
Премиерот Кир Стармер изјави дека Велика Британија е „целосно посветена на безбедноста на Кипар и британскиот воен персонал“.
Регион во страв од поширока војна
Ескалацијата доаѓа откако Иран ѝ се закани на Европа и најави одмазда за нападите врз неговите воени и стратешки објекти. Ударите уследија само еден час по итното предупредување на ИДФ до жителите на јужните предградија на Бејрут да се евакуираат од објекти поврзани со Хезболах.
Судирот, според сè, повеќе не е ограничен само на релацијата Израел–Иран, туку добива поширок регионален карактер, со сè посериозни безбедносни последици.